Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јуни 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 21, 22, 23 и 24 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир-пречистен текст (“Службен весник на СРМ” бр.8/84).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Махмуд Јусуфи од Тетово му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точката 1 од ова решение, затоа што терминолошки не биле усогласени со Уставот на Република Македонија, што одредбите од членовите 21 и 22 при предвидувањето на казната затвор, како најтежок вид прекршочна санкција, не ја предвидувале паричната казна како алтернација, што не било во согласност со Уставот.
Со иницијативата се бара, до донесувањето на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорените законски одредби.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорените законски одредби се заштитуваа социјалистичко-патриотските чувства на граѓаните, општествено-политичкото уредување на СФР Југославија, СР Македонија и другите социјалистички републики и социјалистички автономни покраини, меѓународната политика на СФР Југославија, највисоките државни органи и нивните претстаавители, општествено-политичките организации, општествено-политичките заедници и сл., при што за сторителот на прекршокот беше предвидена казна затвор (член 20 и 21), парична казна (член 22) и парична казна или казна затвор (член 23).
Исто така, Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/93) е иузвршено усогласување на оспорените законски одредби, така што “СФР Југославија” се заменува со “Република Македонија”, “општествено-политичките заедници” со “Републиката, Градот Скопје и општината, додека повредата на социјалистичко-патриотските чувства, општествено-политичкото уредување на СФр Југославија и на другите социјалистички републики и социјалистички автономни покраини, како и меѓународната политика на СФр Југославија повеќе не се предвидени како прекршок, поради што оцени дека од овој аспект не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот.
4. Според член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а согласно член 68 став 1 алинеја 2 Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Имајќи ги предвид овие уставни одредби, Судот смета дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт го определува видот на санкциите, а во тие рамки е овластено и да пропишува дали казната ќе ја предвиди како главна и самостојна или во алтернација односно во кумулација со некоја од споредните казни, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со означените уставни одредби.
5. Во врска со барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорените одредби од Законот, Судот, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, оцени дека не се исполнети условите за изрекување на ваква мерка.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.