Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јуни 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Решението бр.1305-1048 за измена на Деталниот урбанистички план на град Делчево од помал обем со поместување на габаритот на индивидуална станбена зграда на Христов Љупчо, донесено од Секретаријатот за станбено-комунални работи, урбанизам и сообраќај на Општината Делчево на 24 септември 1990 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Делчево бр.0801-126, донесена на 21 февруари 1986 година од Собранието на Општината Делчево.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Методи Илиевски од Делчево му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив се менувал урбанистичкиот план, без да се спроведе постапка предвидена со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение се вршат измени на деталниот урбанистички план од помал обем, со тоа што се поместува и се проширува габаритот на индивидуалната станбена зграда на Христов Љупчо.
Согласно член 38 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85), кој важеше во времето на донесување на оспореното решение, измени и дополнувања на деталниот урбанистички план од помал обем во поглед на измена на габаритот на објектот, намената на дел од објектот, доградба и надградба на објектот, нивелационата кота и градежната линија, можеа да се вршат врз основа на пропис на општината.
Според тоа, за измени и дополнувања на урбанистичкиот план од помал обем, каква што е измената предвидена со оспореното решение, не беше предвидена посебна постапка, односно јавен увид и јавна расправа, туку истите можеа да се вршат само врз основа на пропис на општината.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспореното решение со означената законска одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Во однос на оспорената одлука, Судот утврди дека по повод поднесени иницијативи ја оценувал нејзината законитост по предметите У.бр.268/86, 39/91 и 75/91, при што донел решение за неповедување постапка, затоа што утврдил дека пред нејзиното донесување бил обезбеден јавен увид и јавна расправа, дека за неприфатените забелешки било дадено образложение од страна на Собрнаието на Општината и дека измените на урбанистичкиот план биле извршени заради усогласување на целите и задачите утврдени со среднорочните планови за општествено-економскиот развој на општината.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал оспорената одлука, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точка 2 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.