Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јуни 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за државјанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Пратеничката група на ПДП му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точка 1 од ова решение, а посебно на член 7 став 1 точка 6, член 11 и член 26 став 3 од Законот. Законот во целина се оспорува затоа што бил донесен пред да се одлучи за сукцесијата на поранешна СФРЈ, со што државјаните на СФРЈ со постојано место на живеење на територијата на Република Македонија се ставале во нееднаква положба во поглед на државјанскиот статус, поради што Законот не бил во согласност со виенските конвенции за сукцесија на државите во 1978 и 1982 година, член 7 став 1 точка 6 не бил во согласност со член 7 од Уставот, затоа што со него се фаворизирало познавањето само на македонскиот јазик, а член 11 не бил во согласност со член 9 од Уставот, затоа што при стекнувањето на државјанството се создавала нееднаквост меѓу граѓаните, посебно во делот кој гласел “а посебно за сите Македонци по потекло”, член 26 став 3 не бил во согласност со член 52 став 4 од Уставот, затоа што за лицата што имале живеалиште на територијата на Република Македонија-државјани на СФРЈ, кои без никакви правни последици живееле на овие простори, се бара исполнување на услови што тие лица во моментот на населувањето не биле должни да ги исполнат и не ги знаеле, со што на Законот му се давало повратно дејство.
3. Судот на седницата утврди дека со Законот за државјанство на Република Македонија се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија. Како начини за стекнување на државјанство, во член 3 од Законот, се предвидени потеклото, раѓањето на територијата на Република Македонија, природувањето и меѓународните договори.
Според член 4 сдтав 1 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија, кое, согласно став 3 од овој член, се уредува со закон.
Согласно член 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Тргнувајќи од изречното уставно овластување со закон да се уреди државјанството на Република Македонија, како и начелото на еднаквост на граѓаните, независно од националното потекло, утврдено во член 9 од Уставот, Законот за државјанство на Република Македонија утврдува еднакви услови за стекнување и губење на државјанство на Република Македонија за сите граѓани на Републиката, независно од нивната национална припадност.
Според член 3 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Република Македонија како суверена и самостојна држава својата меѓународна положба и односите со другите држави и меѓународни органи, организации и заедници ги остварува според општо прифатените начела на меѓународното право.
Република Македонија, како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики, според член 4 став 1 од Уставниот закон, врз основа на договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, презема права и обврски настанати од создавањето на СФРЈ. Според став 2 на овој член, доколку не се склучи ваков договор, меѓусебните односи на Република Македонија со другите суверени држави од СФРЈ се утврдуваат согласно општите правила на меѓународното право, како и согласно со Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите од 1978 година и Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на државниот имот, архивата и долговите од 1982 година. Според член 9 од Уставниот закон, државјаните на другите републики во СФРЈ кои на денот на влегувањето во сила на овој закон имале пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, а немаат државјанство на Република Македонија, ќе можат да стекнат државјанство на Република Македонија во согласност со Законот за државјанство на Република Македонија, кој, според член 7 од овој закон, требаше да се донесе во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека постои изречен уставен основ за донесување на Законот за државјанството во определен рок и за законско уредување на условите под кои државјаните на другите републики се стекнуваат со државјанство на Република Македонија. Тоа значи, дека уредувањето на државјанството не е врзано со сукцесијата меѓу некогашните републики на СФРЈ, односно не е предвидена обврска за меѓусебните договори меѓу републиките за решавање на ова прашање, а доколку некои односи се уредат поинаку со договори меѓу државите-правни наследнички на СФРЈ, нема уставни пречки за соодветно усогласување на оспорениот закон или за нивна директна примена во согласност со член 118 од Уставот.
Понатаму, Судот утврди дека во Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите од 1978 година, во однос на која се оспорува Законот, не се уредува прашањето за статусот на граѓаните во државите сукцесори, туку таа се однесува на последиците од сукцесија на државите во областа на договорите меѓу државите, а Виенската конвенција од 1982 година се однесува на последиците од сукцесијата на државите во областа на државниот имот, архивата и долговите.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот и дека со него не се менуваат означените конвенции.
4. Судот утврди дека во член 7 од Законот се пропишани условите за стекнување на државјанство со природување, при што во оспорениот став 1 точка 6 е предвидено лицето да го владее македонскиот јазик. Инаку, овој начин на стекнување на државјанство се однесува за странци кои поднеле барање за прием во државјанство на Република Македонија.
Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и со меѓународни договори.
Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот смета дека не постои уставна пречка со закон да се утврдат посебни услови под кои странец може да стекне државјанство на Република Македонија, а во тие рамки, како еден од условите, да се предвиди владеењето на службениот јазик на Републиката.
Според член 7 од Уставот, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство или како значителен број живеат припадници на националностите, покрај македонскиот јазик во службена употреба е и јазикот и писмото на националностите, на начин односно под услови и на начин утврден со закон.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека македонскиот јазик е службен јазик во Република Македонија, а тоа што во единиците на локалната самоуправа, во кои како мнозинство живеат припадници на националностите, покрај македонскиот јазик, во службена употреба се и јазиците на националностите, не значи дека се исклучува македонскиот јазик, како службен јазик во државата.
Со тоа што во оспорената точка 6 на член 7 став 1 од Законот како еден од условите за стекнување на државјанство на Република Македонија, со природување, се предвидува и владеењето на македонскиот јазик, не е во несогласност со уставнити одредби што се однесуваат на употребата на македонскиот јазик како службен јазик и на службената употреба на јазиците на националностите, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените уставни одредби.
5. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 11 од Законот е пропишана можност по исклучок од член 7 на овој закон, странец кој наполнил 18 години живот со природување да стекне државјанство на Република Македонија, ако тоа претставува посебен научен, економски, културен и национален интерес, а посебно за сите Македонци по потекло кои живеаст надвор од границите на Република Македонија.
Од изнесената одредба произлегува дека посебните исклучителни услови за стекнување на државјанство се однесуваат само на странци, а во тие рамки и на Македонците по потекло, доколку стекнувањето на државјанство на Република Македонија претставува посебен научен, еконоимски, културен и национален интерес за Републиката.
Од оваа одредба, исто така, произлегува дека условите за стекнување на државјанство не се однесуваат на сите странци, бидејќи условите за стекнување на државјанство за странци се пропишани со член 7 и 9, а за иселениците од Република Македонија-со член 8 од Законот, кои се однесуваат еднакво за сите.
Тргнувајќи од член 29 од Уставот на Република Македонија, според кој странците ги уживаат слободите и правата гарантирани со Уставот под услови определени со закон и со меѓународни договори, Судот смета дека со утврдувањето на посебни погодности на одделни странци при стекнување на државјанство не се повредуваат слободите и правата утврдени со Уставот.
Со оглед на тоа што поповолните услови за стекнување на државјанство на Република Македонија, утврдени во оспорениот член од Законот, за одделни странци не се однесуваат на граѓаните на Републиката за кои со законот се предвидени еднакви услови, независно од националната припадност и потекло, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 9 од Уставот.
6. Судот, понатаму, утврди дека во оспоренит член 26 став 3 од Законот како преодна одредба, согласно член 9 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, со кој е препуштено со Законот за државјанство да се уреди прашањето за стекнување на државјанство на Република Македонија на граѓаните на другите републики од поранешна СФРЈ, е предвидена можност државјаните на другите републики во поранешната СФРЈ и државјаните на поранешна СФРЈ кои имаат пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија да стекнат државјанство на Република Македонија, ако во рок од една година по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку имаат постојан извор на средства, се полнолетни и до поднесувањето на барањето законски престојувале на територијата на Република Македонија најмалку 15 години.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Со определување на условите во член 26 став 3 според мислењето на Судот, не се задира во веќе стекнатите права, односно не се одзема веќе стекнатото државјанство на Република Македонија според поранешните прописи, туку само за во иднина се уредуваат условите за стекнување на државјанство на граѓаните на другите републики на поранешна СФРЈ. Поради тоа, Судот оцени дека со став 3 на член 26 не му се дава повратно дејство на Законот. Ова, затоа што основната цел на забраната на повратното дејство на правните норми е да се исклучи укинување или ограничување на оние права кои биле законито стекнати пред донесувањето на новите норми. Со оспорените законски одредби не се одзема, ниту се ограничува државјанството стекнато пред донесување на Законот, а тоа што со овој закон се предвидени нови и поинакви услови за стекнување на државјанство од условите предвидено во поранешниот закон, Судот смета дека е право на законодавецот, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 26 став 3 од Законот со означените уставни одредби.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.