37/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Статутот на Сојузот на пензионерите во Општина Прилеп, донесен од Општинскиот одбор на Сојузот на пензионерите во Општина Прилеп на 15 мај 1991 година и на Одлуката за наплатување на членарина и на средства за фондот за солидарна помош, донесена од Извршниот одбор на Сојузот на 16 декември 1992 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на поединечните акти и дејствија на претседателот и секретарот на Извршниот одбор на Сојузот на пензионерите во Општина Прилеп.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Тале стојаноски од Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение и на поединечните акти и дејствија на претседателот и секретарот на Извршниот одбор на Сојузот, преземени во вршењето на нивните функции, затоа што членарината и средствата во фондот за солидарност се наплатувале при исплатата на пензиите на членовите на Сојузот од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што не било во согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Статут е определена формата на здружувањето, организацијата, целите и задачите на Сојузот на пензионерите во Општина Прилеп. Во Сојузот на пензионерите како самостојна и доброволна општествена социјално-хуманитарна организација се зачленуваат корисниците на старосни, инвалидски и семејни пензии заради остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување и на активности за усогласување на посебните и заедничките интереси во областа на здравствената заштита на пензионерите, за задоволување на социјалните, станбените, културните и другите потреби на членството.
Исто така, Судот утврди дека со Статутот е предвидена обврска за членовите на Сојузот да плаќаат членарина, целите и задачите на Сојузот и организацијата на Сојузот и надлежноста на органите, обврските на претседателот и секретарот на Сојузот и начинот на материјалното и финансиското работење.
Со член 1 од оспорената одлука е определена висината на членарината и износот на средствата за фондот на солидарната помош.
Според членот 2 од оваа одлука, членарината и средствата за фондот на солидарна помош ќе ја врши Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Со Одлуката е определено дека средствата од Фондот за солидарна помош служат за покривање на премиите за колективно осигурување на членството.
Според членот 5 од Одлуката, составен дел на одлуката е список на пензионери кои не сакаат да им се задржува за колективно осигурување и членарина, односно на кои не треба да им се задржува членарина и уплата во Фондот за солидарна помош при исплатата на пензиите.
5. Според член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Според член 2 од Законот за општествените организации и здруженија на граѓани-пречистен текст (“Службен весник на СРМ” бр.13/90), граѓаните можат слободно и доброволно да се здружуваат во општествени организации и здруженија на граѓани заради развивање на разновидни активности со кои се остваруваат и задоволуваат економски и социјално-хуманитарни интереси и други лични и заеднички интереси.
Според член 3 од Законот, општествените организации и здруженија на граѓаните се самостојни во организирањето и остварувањето на своите цели и активности утврдени со статутот, а своите права, должности и одговорности ги остваруваат во согласност со Уставот и со законот.
Според член 10 од Законот, општествените организации и здруженија на граѓани имаат статут, со кој се утврдуваат особено целите и задачите и начинот на нивното остварување, формата на здружување, условите и начинот за зачленување и престанување на членството и правата и обврските и одговорностите на членовите, органите на општествената организација и на здружението на граѓани и нивните права, обврски и одговорности. Општествените организации и здруженија на граѓани можат да имаат и други општи акти со кои се уредуваат прашања за работата и меѓусебните односи на членовите на организацијата, односно здружението.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека слободата на здружувањето е едно од основните права на граѓаните заради остварување и заштита на нивните економски и социјални права и интереси и заради обезбедување на солидарност.
Со оглед на тоа што со оспорениот Статут се утврдени интересите што се задоволуваат во Сојузот на пензионерите во Општина Прилеп, како доброволна и социјално-хуманитарна организација, што детално е уредено и со одредбите на Статутот кои се однесуваат на целите и задачите на Сојузот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни и законски одредби.
Со оглед на тоа што со оспорената одлука се определува начинот на плаќање на членарината и на средствата за фондот за солидарна помош само за членовите на Сојузот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одлука.
6. Судот утврди дека поединечните акти и дејствија што ги преземаат претседателот и секретарот на Сојузот во вршењето на нивната функција, не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.