100/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 24 став 4 од Законот за вработување (“Службен весник на Република Македонија” бр.32/78, 18/89, 36/89, 6/90, 17/91 и 36/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Танка Узунова од Струмица му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законската одредба означена во точка 1 од ова решение, затоа што ги доведувала во нееднаква положба вработените лица и лицата што вршат самостојна дејност со личен труд во остварувањето на правото на надоместок во случај на привремена невработеност, што не било во согласност со Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека со член 23 од Законот означен во точката 1 од ова решение се утврдени случаите во кои привремено невработените лица имаат право на паричен надоместок. Со член 24 од Законот е утврдено кога невработеното лице на кое му престанал работниот однос не може да оствари право на паричен надоместок, а со оспорениот став 1 точка 4 е предвидено тој надоместок да не може да се остварува кога е дадена писмена изјава дека работникот не сака да работи во организацијата, освен ако таа е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или од здравствени причини на работникот или членовите на неговото потесно семејство. Со став 2 на оваа одредба е предвидено дека членовите 23 и 24 од Законот се однесуваат и на работник кој е во работен однос кај работодавач.
4. Според член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и пред законите.
Од наведените уставни одредби произлегува дека едно од основните социјално-економски права на вработените е и правото на материјално обезбедување за време на привремена невработеност, под услови начин и постапка утврдени со закон.
Според мислењето на Судот, во рамките на уставното овластување да ги уреди условите за остварување на правата за време на привремената невработеност, со закон можат да се утврдат и околностите под кои не може да се остварува правото на паричен надоместок, меѓу другото и кога работникот престанува со работа по своја волја, односно кога дава писмена изјава дека не сака да работи.
Понатаму, според мислењето на Судот, правото на паричен надоместок за време на привремена невработеност со Законот е обезбедена за сите лица што имаат статус на вработен, без разлика дали се вработени во општествени претпријатија или кај работодавач. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената законска одредба не ги доведува во нееднаква положба вработените, а дали во конкретниот случај Законот е правилно применет е прашање за кое Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.