Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 14 од Правилникот за критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања на работниците во Земјоделското производно и трговско претпријатие “Црвени брегови” во Неготино, донесен на 15 ноември 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Атанаска Најдова од Неготино му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 14 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што како основ за утврдување на редот на првенство за добивање стан била предвидена и школската подготовка, која учествувала со 50% од вкупниот број бодови што не било во согласност со уставното начело на еднаквоста и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 11 од Правилникот се предвидени основите и мерилата за утврдување редот на првенство за добивање стан, при што како основни критериуми се предвидени степенот на станбената загрозеност, работниот придонес и пензискиот стаж, а како дополнителни-материјалната положба и бројот на членовите на семејството. Основните критериуми се разработени во повеќе подоснови. Основот придонес во работата утврден во член 14 од Правилникот учествува со 50% од вкупниот број бодови.
4. Според член 42 од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86 и 1/90) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос, со општ акт на организацијата се уредуваат основите и мерилата за користење на средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Од изнесените законски одредби произлегува дека организацијата како основ за распределба на станови, може да го предвиди и основот придонес во работата и да го определи начинот на неговото вреднување. Притоа, Судот смета дека е право и на организацијата да определи дали поголемо влијание врз утврдувањето на редот на првенство за доделување на стан ќе има трудот или солидарноста.
Со оглед на тоа што во член 14 од Правилникот се утврдени основите и мерилата за определување редот на првенство за добивање стан во зависност од трудот и солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.