Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонја” бр.70/92), на седницата одржана на 26 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 6, 7 и 8 од Одлуката за Ценовник-Тарифа на услугите што ги врши Општественото претпријатие “Топлификација” во Скопје, донесена од Работничкиот совет на 28 септември 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, м-р Георги Мојсов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што тие не биле во согласност со член 9 и член 55 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со донесувањето на Одлуката за Ценовник-Тарифа на услугите што ги врши Општественото претпријатие “Топлификација” во Скопје, преку дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на град Скопје бр.02-395 на 14 јануари 1991 година, престанала да важи Одлуката во која се содржани оспорените одредби.
Со оглед на тоа што иницијативата за поведување на постапка е поднесена на 9 март 1993 година, односно по престанокот на оспорената одлука, Судот оцени дека не постојат процесни претпоствки за водење постапка, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р ФиданчоСтоев и Вера Терзиева-Тројачанец.