Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во Акционерското друштво “Југотутун-Нада Бутникошарева” во Титов Велес, донесен од Управниот одбор на Друштвото на 23 септември 1991 година, во делот што се однесува на видот на потребната стручна подготовка за работното место раководител на работна единица-вонсезонска ферментација.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Ангел Лукарев од Титов Велес, за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се предвидувал хемиски факултет како посебен услов за обавување на работите и работните задачи раководител на работна единица,вонсезонска ферментација, што не било соодветно на потребите на тоа работно место, поради што Правилникот не бил во согласност со член 8 став 3 од Законот за основните права од работниот однос.
3. На седницата Судот утврди дека во Правилникот како посебен услов за вршење на работите на работното место раководител на работна единица-вонсезонска ферментација е определен завршен хемиски факултет.
4. Според член 8 став 3 од Законот за основните права од работниот однос со општ акт на организацијата се утврдуваат видот и степенот на стручната подготовка за определен вид занимања, занимањата и способностите и другите посебни услови потребни за вршење на работите на работното место.
Имајќи ја предвид означената законска одредба, Судот смета дека е право на организацијата со општ акт да ги утврди посебните услови, меѓу кои и видот на стручната подготовка за вршење на определени работи и работни задачи, во зависност од нивната природа и карактер, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од Правилникот со означената законска одредба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.