Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 13 мај 1993 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 46 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92).
2. Оваа одлука же се објави ви “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.94/92 од 9 декември 1992 година, по поднесена иницијатива од Димитрија Атанасовски и Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на член 46 од законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека во член 46 од Законот, како единствена одредба од Законот во делот што се однесува на службата во армијата, е предвидено службата и другите должности во армијата да се уредуваат со правилник што го донесува министерот за одбрана. Понатаму, Судот утврди дека во оваа законска одредба, како и во целината на законот не се дадени никакви основи за начинот на уредувањето на службата и другите должности во армијата на Република Македонија.
5. На јавната расправа подносителите на иницијативата истакнаа дека под служба на армијата се подразбираат и правата и должностите на вработените во армијата. Со оглед на тоа што остварувањето на правата од работниот однос и положбата на вработените, според член 32 став 5 од Уставот, се уредувале со закон и со колективни договори, сметаат дека и службата задолжително треба да се уреди со закон, а не со подзаконски акт на министерот за одбрана. Исто така, подносителите на иницијативата изнесоа мислење дека Законот за одбрана не содржи одредби за прием во службата, унапредување на воените лица, положба во службата на воените старешини, чинови на старешините и други прашања со кои ќе се изразат специфичностите на службата во армијата.
Претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Секретаријатот за законодавство на Владата на Република Македонија изнесоа мислење дека член 46 од Законот не е во несогласност со Уставот, затоа што со него само се доразработувале одделни прашања од работниот однос чии основни рамки и принцип биле утврдени со Законот за основните права од работниот однос, Законот за работните односи, како и со Законот за органите на управата, во кој е утврдена положбата и статусот на Министерството за одбрана. Исто така, тие изнесоа мислење дека одделни прашања што се однесуваат на службата во армијата се утврдени со Законот за одбрана, како што се одредбите што се однесуваат на овластувањата на Претседателот на Републиката и Министерот за одбрана.
Претставникот од науката, исто така, изнесе мислење дека член 46 не е во несогласност со Уставот, затоа што според член 28 од Уставот со закон се уредува само остварувањето на правото и должноста на секој граѓанин за одбрана на Републиката, а според член 122 со закон се уредува одбраната како системско решение. Со оглед на тоа што овие две уставни прашања се уредени со закон, а прашањата за службата во армијата во основа се уредени со законите од областа на работните односи и со Законот за органите на управата, смета дека министерот, кој е овластен да донесува правилници, може во смисла на оспорениот член 46 од Законот, со правилник да ги доразработи одделни прашања за работните односи во армијата.
6. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Носител на закондавната власт, според член 61 од Уставот, е Собранието на Република Македонија, кое, според член 122 став 2 од Уставот, има право и должност да донесе закон со кој ќе ја уреди одбраната на Републиката, а во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Носител на извршната власт во Република Македонија според член 88 од Уставот, е Владата на Република Македонија, која, согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и донесува уреди и други прописи за извршување на законите.
Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон.
Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон, односно надлежностите на органите на државната управа се утврдуваат со закон. Притоа, според мислењето на Судот, при определувањето на надлежностите на државната управа, мора да се имаат предвид уставните овластувања на носителите на законодавната и извршната власт, поточно треба да се има предвид уставната позиција на органите на државната управа.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека со закон не можат да се овластат органите на државната управа изворно да уредуваат материјални односик, правни субјекти. Органите на државната управа може да се овластат да донесуваат прописи со кои се разработуваат законските одредби заради нивно извршување, при што со законот на чие извршување тие се однесуваат мора да се утврдат основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органите на државната управа.
Со оглед на тоа што со оспорениот член 46 од Законот е дадено овластување на министерот за одбрана, целосно да ги уреди службата и должностите во армијата, без да се утврдат рамките на неговите овластувања, при што законот не ги уредил основите на службата и должностите во армијата, Судот оцени дека оваа одредба од Законот не е во согласност со означените уставни одредби.
При одлучувањето Судот ги имаше предвид и мислењата изнесени од учесниците на јавната расправа дека правата и обврските на вработените во армијата во основа се уредени со Законот за основните права од работниот однос, Законот за работните односи и Законот за органите на управата, но не можеше да ги прифати, затоа што утврди дека определени права и должности кои произлегуваат од посебноста на службата во армијата, како еден од сегментите преку кој се остварува одбраната на Републиката, како посебно право и должност на граѓаните, не се уредени со прописите за работни односи, ниту со Законот за одбрана.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Судот оваа одлука ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.