Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Макдонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на член 52 став 3 од Правилникот за критериумите и мерилата за решавање на станбените потреби на рботниците во ООЗТ “Огноотпорно” во состав на Рудници и железарница “Скопје” во Скопје, донесен од Работничкиот совет на 28 јуни 1974 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Драган Малинковски, адвокат од Скопје, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 52 став 3 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што работникот кој одел во пензија или е инвалид од 1 и 2 категорија надвор од ранг листата добивал стан, со што се елиминирале критериумите утврдени во Правилникот, што не било во согласност со закон.
3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека оспорениот правилник престанал да важи со донесување на Правилникот за станбени односи од 1988 година, во кој оспорената одредба не се предвидува.
Со оглед на тоа што иницијативата е поднесена по престанокот на важењето на правилникот,Судот оцени дека не постојат процесни правни услови за одлучување по неа, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.