Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за времена забрана на изградба на објекти во поширокото централно градско подрачје во Охрид, донесена од Собранието на Општината Охрид на 25 јуни 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Градежното индустриско и прометно претпријатие “Трудбеник” во Охрид и Димитрова Виолета од Охрид му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Собранието на Општината немало овластување да забрани изградба на објекти на простор кој е урбанистички уреден, немало овластување да забрани издавање на решенија за доделување градежно земјиште, урбанистичка согласност и одобрение за изградба, затоа што тие прашања се од извршна и управна постапка и не спаѓале во доменот на единиците на локалната самоуправа, што не се водело сметка за стечените права на граѓаните, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека според член 1 од Одлуката времено се забранува изградба на објекти во поширокото централно градско подрачје заради урбанизација на тој простор, а во член 2 од Одлуката е определен просторот на кој се однесува забраната. Со член 3 од Одлуката се забранува донесување на решенија за доделување на градежно земјиште, издвање, локации, урбанистичка согласност и одобренија за изградба на подрачјето определено со член 2 на оваа одлука во усвојувањето на деталниот урбанистички план за тој простор.
На седницата Судот, исто така, утврди дека со оспорената одлука е опфатен просторот од 1 урбана единица, која е урбанистички уредена со план за реализација, изменет и дополнет на 27 ноември 1986 година како и просторот на 2-ра урбана единица, која е урбанистички уредена со Детален убранистички план. На 21 февруари 1990 година е донесена одлука да се пристапи кон измена и дополнување на Деталниот урбанистички план и е одредено до донесувањето на измените и дополнувањата да мирува издавањето на локации. Понатаму, 1-ва зона на централното градско подрачје урбанистички е уредена со урбанистички проект кој е делумно стопиран со одлука на 5 март 1991 година на Собранието на Општината. за 2, 3 и 9 зона на централното градско подрачје има само основен урбанистички план, а урбанистичкиот проект за 8 зона е укинат со одлука на Уставниот суд на Република Македонија.
4. Согласно член 18 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), со урбанистичкиот план се утврдува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објекти и уредување на просторот, врз основа на анализа на постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој во определен плански период. Согласно член 34 од Законот, собранието на општината ги донесува урбанистичките планови за подрачјето на општината.
Судот смета дека во законското овластување на собранието на општината да донесува и да ги менува урбанистичките планови на подрачјето на општината е содржано и овластувањето да ја одложи примената на урбанистичкиот план или негов дел, доколку оцени дека настанале такви околности кои битно влијаат на реализацијата на планот. Во конкретниот случај Собранието на Општината Охрид, поради укинувањето на урбанистичките проекти и пристапувањето кон донесувањето на нови или измена на постојните урбанистички планови за просторот опфатен со Одлуката одлучило времено да ја запре изградбата и на оние делови за кои постојат детални урбанистички планови заради пристапување кон комплексно урбанистичко уредување на тој простор. Притоа, Судот оцени дека како последица на забраната на градба на објекти е и забраната, надлежниот орган да не издава решенија за доделување на градежно земјиште, решенија за локации и одобренија за изградба.
Судот смета дека со донесувањето на оспорената одлука не се ограничува правото на граѓаните и другите субјекти во општината, согласно член 34 од Законот, при донесувањето на деталниот урбанистички план на јавната расправа, во фазата на нацрт-план, да ги искажат своите мислења, сугестии и забелешки.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.