27/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Макдонија, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 7 мај 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување локација за изградба на камп за прифаќање на бегалците од Република Босна и Херцеговина од времен карактер, донесена од Владата на Република Македонија на 21 декември 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/92).
2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од иницијативниот одбор на месните заедници: “Мирче Ацев”, “Даме Груев”, “Дексион” и “Ѓорче Петров” од Скопје, со Решение У.бр.27/93 од 22 февруари 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
5. На јавната расправа на 7 мај 1993 година, претставникот на подносителот на иницијативата остана при наводите во иницијативата и побара Судот да ја поништи оспорената одлука.
Претставникот на Владата на Република Македонија, во текот на јавната расправа, ја достави Одлуката за престанување на важење на оспорената одлука, донесена од Владата на Република Македонија на 7 мај 1993 година и побара постапката по предметот да се запре. Во однос на оспорената одлука нагласи дека Владата ја донела во рамките на нејзините законски овластувања. Имено, таа смета дека Деталниот урбанистички план не е усогласен со основниот урбанистички план, па применувајќи го Основниот план, кој соджел само глобална определна, а не и елементи за утврдување услови за градба, можела да ја донесе оспорената одлука, без оглед на тоа што такви елементи имало во Деталниот план. Исто така, подвлече дека основот во член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање Владата може да го користи за донесување на посебен акт, во секој случај, кога постои потреба за изградба на јавни, општесдтвени, односно стопански објекти од републично значење, без оглед на решенијата во просторните и урбанистичките планови. Всушност, Владата, преку определување на локација за изградба на објекти од пошироко значење, а собранијата на општините за објекти од општинско значење, можеле да ги дополнуваат урбанистичките планови.
Претставниците на Собранието на град Скопје, на Собранието на Општина Карпош и на стручните организации изнесоа мислења дека просторот може да се користи само врз основа на плански документи, почитувајќи ја улогата на граѓаните во планирањето на просторот и на органите надлежни за донесување на плановите, а примената на член 54 од Законот, може да има само интервентен карактер, под услови што се содржани во самата негова одредба, која не дава можност за интерпретација што е спротивна на концепцијата за просторно и урбанистичко планирање.
6. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од Одлуката се утврдува локација за изградба на камп за прифаќање на 800-1000 бегалци од Република Босна и Херцеговина на дел од КП 600, КО”Оризари” со површина од 18.000 м2 на ул.”Маршал Тито” – Ѓорче Петров-2, што ќе ја финансира Покраината Северна Рајна-Вестфалија. Со точката 2 се предвидува, во прифатниот камп да се изградат 30 индивидуални монтажни објекти со висина П+1 кат, а по заминувањето на бегалците, објектите да се користат за студентско сместување и други потреби. Во точката 3 се определува, Република Македонија да го обезбеди земјиштето и потребните одобренија за изградба и приклучување на постојната инфраструктура, а Покраината Северна Рајна-Вествалија да ги обезбеди средствата за изградба на објектите и инфраструктурата. Според точка 4, составен дел на Одлуката е графичкиот приказ на локацијата, кој не се објавува, а се наоѓа во Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија.
Судот, исто така, утврди дека просторот на кој се однесува оспорената одлука, е уреден со Измените и дополнувањата на Основниот урбанистички план на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.15/85) и со Деталниот урбанистички план на урбанистичката единица “Ѓорче Петров” – Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.6/89), во кој се содржани елементи за утврдување услови за градба.
7. Со член 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) се пропишува дека со планирањето на просторот и населените места, рационална изградба на објекти и мрежа на инфраструктурата и заштита и уредување на човековата околина.
Условите за уредување и користење на просторот и за изградба на населените места, согласно член 12 став 1 од Законот, се утврдуваат во просторниот и урбанистичкиот план, а со урбанистичкиот план, согласно член 18 став 1 од Законот, се утврдува организацијата и користењето на просторот на населените места и урбанистичко-техничките услови за изградба на објектите и уредување на просторот, врз основа на анализа на постојната состојба и оценетите потреби и можности за просторен развој на определен плански период. Во член 13 од Законот, како видови на урбанистички планови се утврдени: основниот урбанистички план, деталниот урбанистички план, урбанистичкиот проект и урбанистичкиот план за помало населено место.
Во член 54 од Законот се утврдува дека за населени места и надвор од нив за кои не е донесен просторен или урбанистички план или донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба, локација за изградба на јавни, општествени, односно стопански објекти, може да се издаде врз основа на посебен акт на Владата на Републиката, односно општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.
Од означената законска одредба произлегува дека овластувањето од член 54 од Законот, Владата може да го користи само ако не е донесен просторен или урбанистички план или ако донесениот план не содржи елементи за утврдување услови за градба. Во конкретниот случај, Судот утврди дека за просторот што го опфаќа оспорената одлука е донесен Детален урбанистички план во кој се содржани елементи за утврдување услови за градба, па оцени дека, Владата немала основ надвор од тие услови да предвиди изградба на објекти кои не се предвидени во планот.
Евентуалната неусогласеност помеѓу урбанистичките планови (Основниот и Деталниот), Судот смета дека не може да се решава со примена на член 54 од Законот, туку во законски утврдена постапка, при што Владата не е овластена да одлучува кој урбанистички план ќе го примени.
Сфаќањето, дека Владата може да го користи овластувањето од член 54 од Законот и да утврдува локација за изградба на објекти, без оглед на решенијата во урбанистичките планови, како и да може да избира кој план ќе го применува, според мислењето на Судот, не произлегува ниту од системот на просторното и урбанистичкото планирање утврден со Законот, ниту од содржината на член 54 од Законот. Судот, смета дека, со таквиот приод во третманот на урбанистичките планови се доведува во прашање системот на просторното и урбанистичкото планирање и воопшто определбата за уредување и хуманизација на просторот, се негира улогата на граѓаните и на другите органи и организации во планирањето и уредувањето на просторот и се нарушуваат односите помеѓу носителите на законодавната и извршната власт.
При донесувањето на оваа одлука, Судот не можеше да го прифати предлогот за запирање на постапката по овој предмет, бидејќи Одлуката на Владата за престанок на важноста на оспорената одлука не содржи правни причини за нејзино донесување и што не е објавена на соодветен начин, па согласно член 52 од Уставот на Република Македонија, не влегла во сила.
При донесувањето на одлуката, Судот ја имаше предвид тежината на повредата на Законот, во однос на остварувањето на правата на граѓаните во областа на урбанистичкото планирање, правната сигурност и другите околности што се од значење за остварувањето на уставноста и законитоста.
8. Со оглед на тоа што ја поништи одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, Судот ја укина и привремената мерка за забрана на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.