Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 април 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на главата 1, точката 2, точката 4 став 1 и точката 7 од Програмата за правата на работниците за чија работа престанала потребата поради технолошки и други унапредувања (технолошки вишок), донесена од Советот на Училиштето за средно образование “Никола Карев” во Скопје, на 29 јуни 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Павлина Крстева од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што на работниците кои биле прогласени за технолошки вишок не им се обезбедувале правата загарантирани со акон, што работното искуство како основ за утврдување на приоритет не било детално разработено, што не било определено што се подразбира под одржување работна дисциплина на час, што на наствникот кој одбивал да води класно раководство му се намалувал одреден број бодови по тој основ кој не соодветставувал на бројот на бодовите што ги побивал за водење класно раководство, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во прва глава од Програмата е предвидено дека на работниците за чија работа престанала потребата поради технолошки, економски, организациони и други причини да не може да им престане работниот однос додека не им се обезбеди едно од следниве права: 1) право на работа во друга организација на работно место кое одговара на неговото знаење и способност; 2) право на преквалификација и доквалификација за работи и работни задачи на работно место во иста или друга организација; 3) право на докуп на стаж ако му недостасуваат до пет години пензиски стаж за остварување право на старосна пензија; 4) право на еднократен надомест во вид на испратнина во висина од најмалку 24 просечни лични доходи на работниците во организацијата остварени во тримесечието во кое остварува право на испратнина, ако писмено изјави дека сака да му престане работниот однос и дека со овие средства трајно го решава своето натамошно ангажирање под услови и начин утврдени со закон и 5) други права во согласност со законот.
Исто така, Судот утврди дека со точката 2 од Програмата при вреднувањето на работното искуство на наставниците е предвидено работно искуство во дејноста со соодветно образование, работно искуство во дејноста без соодветно образование и работно искуство надвор од дејноста и дека за секоја година работно искуство во една од предвидените варијанти, работникот добива одреден број бодови.
Понатаму, Судот утврди дека според точка 4 став 1 од Програмата на наставникот кој не може да одржи работна дисциплина на часот му се одземаат 40 бода. Точката 7 од Програмата предвидува наставникот кој води класно раководство да добива 20 бода, а наставникот кој одбира да го води раководството да му се намалат 30 бода. Под поимот “одбивање на класно раководство” се подразбира одбивање без оправдани причини.
4. Според член 32 точка 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 21 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), на работникот за чија работа потребата престанала поради технолошки и други унапредувања, не може да му престане работниот однос додека не му се обезбеди едно од следните права по основ на работата: право на работа во друга организација, право на преквалификација или доквалификација, право на докуп на стажот, право на еднократен надомест во вид на испратнина во височина од најмалку 24 просечни лични доходи и други права во согласност со закон. Работникот кому не му е обезбедено едно од наведените права, има право на паричен надомест додека не се стекнат условите за остварување на тие права, а најдолго 2 години.
Според член 11 од Законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90), кога организацијата, односно работодавецот вовел технолошки и други унапредувања, поради кои престанала потребата за работата на работникот, надлежниот орган на управување е должен да направи програма за обезбедување на правата на работниците за чија работа престанала потребата. Програмата за обезбедување на правата на работниците задолжително содржи: опис на работниците за чија работа престанала потребата, право кое на работникот му обезбедува, потребни средства за оценување на правата и изворите на средства за овие намени. Според член 14 на работникот за чија работа потребата престанала поради технолиошки и други унапредувања, му се обезбедува едно од правата по основ на работа утврдени со Законот за основните права од работниот однос и со Законот за работните односи во согласност со следните критериуми, а особено: степенот на стручната подготовка од определен вид занимања, односно знаење и способност, работното искуство, успешноста, работниот придонес и резултатите во работата и возраста. Кога работници со примената на наведените критериуми ќе се најдат во иста положба како дополнителен критериум се зема здравствената и социјално-економската положба на работниците. Овие критериуми поблиску се уредуваат со општ акт, односно колективен договор. Според член 18 од Законот, работникот за чија работа престанала потребата, а на кој организацијата односно работодавецот не може да му обезбеди ни едно од правата во согласност со законот, има право најмногу 2 години на паричен надоместок во висина утврдена со општ акт, односно колективен договор.
Од наведените законски одредби произлегува дека престанокот на работниот однос на работникот за чија работа престанала потребата заради технолошки и други унапредувања, е условена со остварувањето на едно од со закон утврдените права. Понатаму, од нив произлегува дека со програмата за обезбедување на правата на работниците за чија работа престанала потребата, меѓу другото, задолжително се уредува начинот на кој работникот ќе оствари едно од правата по основ на пртестанување на неговиот работен однос, како и изворите на средствата за остварување на тие права.
Со оглед на тоа што со оспорената глава 1 од Програмата при престанувањето на работниот однос поради технолошки и други унапредувања на работниците им се обезбедува остварување на правата утврдени со закон, односно им се овозможува избор на некое од тие права и се утврдуваат критериуми за приоритет при користење на овие права, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените законски одредби.
Што се однесува до прашањето на недефинираноста на поимот работна дисциплина на час и одбивањето на водењето на класно раководство, Судот оцени дека тие прашања се уредуваат согласно член 145 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на СРМ” бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 3/88, 18/89, 29/89, 10/90, 12/90, 11/91 и 40/91), според кој организацијата за насочено образование најмалку еднаш годишно врши анализа на остварувањето на годишната програма за работа и утврдува дали некој од работниците во насоченото образование не ги извршува обврските предвидени со овој закон и дека недефинираноста на тие прашања со Програмата не ја чинат програмата несогласна со законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.