Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 12 точка 3 од Правилникот за дисциплинска и материјална одговорност на работниците на ПОС “Жито Битола” во Битола, донесен од Работничкиот совет на 22 декември 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Илче Петровски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што како потешка повреда на работната обврска за која може да се изрече мерката престанок на работниот однос било предвидено неоправданото отсуство од работа најмалку 3 работни дека односно со прекин најмалку 5 работни дека во текот на 6 месеци, што не било во согласност со член 75 став 2 точка 3 од Законот за основните права од работниот однос.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 12 точка 3 од Правилникот за дисциплинска и материјална одговорност, покрај другите потешки повреди на работните обврски, се смета и неоправданото последователно изостанување од работа најмалку 3 работни дена, односно со прекин најмалку 5 работни дена во текот на 6 месеци.
Според член 18 од Правилникот, мерката престанок на работниот однос може да се изрече за потешки повреди на работниот однос може да се изрече за потешки повреди на работните обврски со кои се предизвикува нарушување на односите во вршењето на работите односно работните задачи, се оневозможува или отежнува работата на другите работници, или на друг начин се предизвикува нарушување на процесот на трудот.
Исто така, Судот утврди дека во член 62 од Правилникот за работните односи на работникот му престанува работниот однос без негова согласност ако неоправдано изостанал од работа последовно пет работни дена.
4. Според член 58 став 1 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90) кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, се утврдени потешките повреди на работните обврски за кои на работникот може да му се изрече мерката престанок на работниот однос, а според став 2 од овој член, мерката престанок на работниот однос се изречува и за други потешки повреди на работните обврски утврдени со закон и со општ акт односно со колективен договор.
Според член 75 став 2 точка 3 од овој Закон, на работникот му престанува работниот однос без негова согласност ако неоправдано изостанал од работа последовно пет работни дена.
Од изнесените законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека престанокот на работниот однос без согласност на работникот врз основа на член 75 став 2 точка 3 не го исклучува правото на претпријатието, согласно член 58 од Законот, неоправданото отсуство од работа да го предвиди како потешка повреда на работната обврска за која може да се изрече мерката престанок на работниот однос доколку се оцени дека со тоа се нарушуваат односите во процесот на трудот.
Со оглед на тоа што во член 12 точка 3 како потешка повреда на работната обврска е предвидено неоправдано изостанување од работа најмалку 3 работни дена односно со прекин најмалку 5 работни дена во текот на 6 месеци, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.