248/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Решението бр.11-6065/1, донесено од Министерството за образование и физичка култура на Република Македонија на 11 ноември 1992 година.
2. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струга на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Министерството не било надлежно да ги уредува односите во врска со запишувањето на учениците во Училишниот центар “Нико Нестор” во Струга, затоа што предвидувало дополнителни испитни рокови и подготвителна настава и затоа што ги ставило во нееднаква положба учениците Македонци во однос на учениците Албанци, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со точката 1 од оспореното решение се предвидува во Училишниот центар “Нико Нестор” во Струга да се пополни паралелката за 1-ва година за гимназиско образование согласно Конкурсот за запишување на учениците во 1-ва година во средното образование во учебната 1992/93 година со ученици кои го положиле 1-от и 2-от дел од приемниот испит на албански наставен јазик. Со точката 2 е предвидено бројот на паралелките во 1-ва година на гимназиско образование на албански наставен јазик да се зголеми за уште една паралелка за учениците кои ги положиле двата дела од приемниот испит.
4. Разгледувајќи го оспореното решение, Судот оцени дека со него не се уредуваат односи на општ начин во смисла на создавање нормативна основа за начинот и условите за запишување на ученици во средните училишта во Република Македонија, туку се решава една конкретна ситуација во спроведувањето на конкурсот за запишување на ученици во Училишниот центар “Нико Нестор” во Струга, во учебната 1992/93 година.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспореното решение не претставува пропис или општ акт и дека согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.