У.бр.228/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 март 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 од Решението за утврдување на придонесот за користење на градежното земјиште, донесено од Собранието на Општина Битола на 15 април 1992 година (“Службен гласник на Општина Битола” бр.3/92), во делот што се однесува на примената на Решението.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Битола”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи на повеќе граѓани од Битола, со решение У.бр.228/92 од 29 декември 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од решението означено во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со решението означено во точката 1 од оваа одлука се зголемува висината на придонесот за користењето на градежното земјиште. Судот, исто така, утврди дека со членот 5 од Решението се предвидува Решението да стапи во сила осмиот ден од денот на објавувањето и дека е објавено во “Службен гласник на Општина Битола” бр.3/92 од 16 април 1992 година, а да се применува од 1 април 1992 година.

5. Според член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен, по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел на член 5 на Решението е определедно дфа се применува од 1 април 1992 година, што значи пред да влезе во сила, Судот утврди дека со оваа одредба од Решението се овозможува повратно дејство на неговите одредби, кое е понеповолно за граѓаните, поради што оцени дека не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.