У.бр.262/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 март 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 164 став 1 од Статутот на Основното училиште “Браќа Миладиновци” во Куманово, донесен од работниците во Училиштето со референдум на 13 јануари 1986 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Училиштето на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата од Стојко Николовски од Куманово, со Решение У.бр.262/92 од 10 февруари 1993 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбата од статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за предучилишно и основно воспитание и образование и Законот за насочено образование.

4. На седницата Судот утврди дека со означената одредба од Статутот е предвидено за директор на Училиштето да можат да се именуваат лица кои ги исполнуваат условите за воспитувачи односно наставници со високо образование, според одредбите од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование.

5. Според член 251 став 1 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 29/89, 15/90, 11/91 и 40/91) за индивидуален работоводен орган можат да бидат именувани лица кои ги исполнуваат условите за воспитувачи однсно наставници, според одредбите на овој закон.

Во член 119 став 2 и 4 од Законот е предвидено воспитувачи да можат да бират лица кои завршиле педгошка академија – отсек за воспитувачи и лица кои завршиле соодветни групи и насоки на определени факултети, а според член 120 од Законот, наставници по одделенска настава-учители можат да бидат лица кои завршиле педагошка академија-отсек одделенска настава (став 2) и лица кои завршиле филозофски факултет-педагошка група (став 7), а наставници по предметна настава можат да бидат лица кои завршиле соодветна еднопредметна или двопредметна група за образование на наставници на факултет, висока школа, ликовна академија и музичка академија (став 3) и лица кои завршиле соодветна група на педагошка академија или соодветна виша школа (став 6).

Во член 39 став 1 алинеја 6 и член 45 од Законот за насочено образование (“Службен весник на СРМ” бр. 16/85, 2/86, 7/88, 18/89, 29/89, 10/90, 11/91 и 40/91) е определено дека педагошка академија претставува више образование.

Од изнесените законски одредби произлегува дека условите за именување директор во основното училиште се целосно определени со Законот и дека училиштата не се овластени за нивно менување.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Статутот се определуваат услови за именување директор на Училиштето, при што се стеснува кругот на лицата што според законот можат да бидат именувани за директори, Судот оцени дека таа не е во согласност со означените законски одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.