175/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 32 и 51 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/84) и законитоста на постапувањето на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи за забрана на користење на средства од сметка која се водела при СОК-Штип.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Радио-Штип му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение и законитоста на постапката на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во Штип, поради тоа што со примената на Законот бил повреден уставниот принцип дека суверенитетот на Републиката произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и начелото на непосредно одлучување по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување, како и на начелата на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и на писменост и непосредност.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека суштината на барањето е оценување на примената на Законот во конкретен случај од страна на орган на државна управа, за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.