У.бр.216/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 од Законот за амнестија, во делот кој гласи “неиздржаниот дел на казната” (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Трговското претпријатие “Темел” од Свети Николе му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со нив не било предвидено еднакво ослободување од извршување на казната како за осудените лица што издржале дел од казната, така и за осудените лица што уште не отпочнале со издржување на казната, со што се создавала нееднаквост меѓу граѓаните како осудени лица.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот за амнестија е пропишано лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела според Кривичниот и други закони на Република Македонија од суд во Република Македонија, на кои им е изречена единствена казна затвор и кои на денот на влегувањето во сила на овој закон казната сеуште не ја издржале или не отпочнале со нејзиното издржување, се ослободуваат од извршување на неиздржаниот дел на казната за една четвртина.

4. Според член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија дава амнестија.

Притоа, со Уставот не е определена содржината и видовите на амнестија, туку е предоставено овие прашања да се уредат со закон. Во таа смисла содржината и видовите на амнестијата се пропишани со Кривичниот закон на Република Македонија-општ и посебен дел (“Службен лист на СФРЈ” бр.44/76, 34/84, 74/87, 57/89, 3/90 и 38/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.25/92), во кој, меѓу другото, е предвидена можност лицата што се опфатени со акт за амнестија потполно или делумно да се ослободуваат од извршување на казната (член 101).

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека Собранието на Република Македонија може да дава амнестија на лица осудени на казна затвор, а во тие рамки да определи целосно или делумно ослободување од казната.

Понатаму, Судот оцени дека со оспорените законски одредби не се повредува уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, затоа што при определувањето на условите за амнестија, граѓаните не се ставаат во нееднаква положба во зависност од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.