70/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 7 и 16 од Тарифниот број 1 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на СРМ” бр.45/72, 39/77, 42/80, 51/88 и11/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија,Љубомир Бочваров од Свети Николе, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што од Законот за претпријатијата и Законот за самостојно вршење на дејност со личен труд, произлегувало дека правните субјекти имаат обврска да истакнат фирма на деловните простори, а со оспорените законски одредби, била пропишана обврска правните субјекти да платат комунална такса за истакната фирма. Со ваквиот начин на задолжување, посебно на граѓаните што самостојно вршат дејност, се создавала нееднаквост во зависност од општествената положба, иако според Уставот на Република Македонија сите биле должни да платат јавни давачки, независно од општествената положба. Со оглед на тоа што оспорените законски одредби за плаќање на такса за истакнување на фирма ги задолжувале само граѓаните што самостојно вршат дејност, тие не биле во согласност со членовите 9 и 33 од Уставот на Република Македонија.
Исто така, подносителот на иницијативата смета, дека според Уставот, со закон може да се утврди само видот на јавните давачки и начинот на нивното плаќање, а не и субјектите, бидејќи тие биле утврдени со Уставот (секој е должен да плаќа јавни давачки), со што, пак, се повредувало начелото за почитување на приватниот, личниот и семејниот живот на граѓаните, на достоинството и угледот.
3. Судот на седницата утврди дека во член 4 став 1 точка 1 од Законот е пропишана обврска за плаќање такса за секој назив или фирма истакната на деловна просторија, а во член 7 се предвидени олеснувањата и ослободувањата од плаќање на комуналните такси. Во член 16-а од Законот е утврдена тарифата за комунални такси, а во оспорениот тарифен број 1 е определена висината на комуналната такса за истакнување назив и фирма за деловните простории на граѓаните кои самостојно вршат стопанска и професионална дејност, за деловните простории на претпријатијата и другите правни лица од областа на производството, прометот и услугите, за деловните простории на претпријатијата и други правни лица од комуналните услуги и за деловните простории на претпријатијата и правни лица кои дејствуваат повремено.
4. Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во измирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Јавните давачки, согласно член 68 од Уставот, ги утврдува Собранието на Републиката.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека јавните давачки се утврдуваат со закон и дека со Уставот не се конкретно определени субјектите што се должни да плаќаат одреден вид на јавни давачки, односно дека видот на даноците и другите јавни давачки и начинот на нивното плаќање, а во тие рамки и обврзниците на одредени даноци, односно јавни давачки, се утврдуваат со закон.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека е право на Собранието да воведе комунална такса и за истакнување на фирма или назив на деловните простории како еден вид јавна давачка, преку која граѓаните што вршат определена дејност учествуваат во намирувањето на јавните расходи.
5. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Со оглед на тоа што Судот смета дека граѓаните кои поседуваат деловни простории во кои самостојно вршат дејност не се наоѓаат во иста правна односно општествена положба со граѓаните кои не вршат таква дејност, со пропишувањето на обврска за плаќање комунална такса за истакнување на фирма тие не се ставаат во нееднаква положба.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од Законот не се повредува уставното начело на еднаквост, ниту другите слободи и права на граѓаните утврдени со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.