Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 11 и 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот за работа на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1993 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1.СЕ УКИНУВА Заклучокот за подмирување на трошоците за улично осветление, донесен од Собранието на Општината Титов Велес на 12 декември 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општината Титов Велес”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.211/92 од 23 декември 1992 година, по иницијатива на Јаковлевски Радослав од Титов Велес, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.
4. Доносителот на оспорениот акт во својот одговор наведе не е предвидено присилна наплата за лицата кои нема да постапуваат по него, поради што актот не претставува пропис кој подлежи на уставно-судска оценка.
5. На седницата Судот утврди дека според точката 1 од Заклучокот трошоците за уличното осветление ќе се подмируваат од страна на граѓаните во општината, а согласно точката 2 наплатата ќе се врши месечно во одреден процент од потрошената електрична енергија. Со точката 3 од оспорениот заклучок се задолжува “Електровелес” да го спроведува овој заклучок при наплата на електрична енергија од потрошувачите.
Од изнесеното, недвосмислено произлегува дека оспорениот заклучок има карактер на пропис со кој граѓаните се задолжуваат да плаќаат надоместок и се уедува начинот на неговото определување и наплата, чија уставност и законитост, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, ја оценува Уставниот суд на Република Македонија.
6. Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Според член 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Републиката ги утврдува јавните давачки. Според член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи, определени со закон и со средства на Републиката.
Во Законот за даноците на граѓаните (“Службен весник на СРМ” бр.12/87. 37/87. 5’/87. 7/88. 51/88, 7/89, 46/89, 21/91 и 5/92) не е предвидена можност да се воведува данок или друг вид јавна давачка за финансирање на уличното осветление.
Со оглед на тоа што со закон не е предвидена можност општината да воведува посебен данок или друга јавна давачка за финансирање на уличното осветление, Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јодан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.