Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1993 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1.СЕ УКИНУВА Правилникот за организација и систематизација на работните места во ООЗТ “Медицински служби” во Медицинскиот центар “д-р Трифун Пановски” од Битола, донесен од Работничкиот совет на 20 септември 1991 година, во делот во кој за работното место социјален работник е предвиден 4-1 степен на стручна подготовка.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означената организација на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.123/92 од 9 декември 1992 година, по иницијатива на Христова Цветанка од Битола, поведе постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во Правилникот како услов за извршување на работните задачи на работното место социјален работник се предвидува 4-1 степен на стручна подготовка.
5. Според член 79 од Законот за социјална заштита пречистен текст (“Службен весник на СРМ” бр.9/86), стручните работи од областа на социјалната заштита ги извршуваат работници со висока стручна подготовка. Согласно член 127 став 1 од овој закон социјалните работници со завршена виша стручна подготовка, кои до денот на влегувањето во сила на Законот имаат повеќе од 15 години работен стаж во областа на социјалната заштита, можат и понатаму да ги извршуваат стручните работи од областа на социјалната заштита како во однос на стручна подготовка не ги исполнуваат условите пропишани со овој закон, а според став 2 на овој член социјалните работници со завршена виша стручна подготовка, кои на денот на влегувањето во сила на законот не ги исполнуваат условите од став 1 на овој член, должни се во рок од 5 години, од денот на влегувањето во сила на законот, да се здобијат со соодветно високо образование. Во спротивно, го губат правото да вршат работи од областа на социјалната заштита.
Со оглед на тоа што во оспорениот дел од Правилникот за извршување на стручни работи од областа на социјалната заштита е предвидена виша школска подготовка како трајно, а не како преодно решение, независно од случаите утврдени во член 127 став 1 од Законот, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.