У.бр.183/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 февруари 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 21 февруари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојановски Томислав од Куманово, Трбогазов Милан и Маџоски Стојан од Скопје, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на уредбата означена во точка 1 од ова решение, затоа што со неа се дозволувало продажба на воените станови иако во времето кога таа била донесена, со Законот за привремена забрана на примената на Законот за продажба на станови во општествена сопственост, била забранета продажбата, како и затоа што со неа на поинаков начин се утврдувала вредноста на станот од начинот определен во Законот за продажба на станови во општествена сопственост, односно по многу ниски цени, што не било во согласност со уставниот принцип на еднаквост и со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, а член 6 од Уредбата не бил во согласност со членовите 55 и 91 од Уставот, затоа што со него се забранувал прометот на купените станови.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената уредба се уредува начинот и условите за продажба на становите во државна сопственост на Републиката, кои според член 2 од Уредбата се продаваат според начинот и условите пропишани со прописите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА и одредбите на оваа уредба. Во оспорениот член 6 од Уредбата е пропишана забрана за носителите на станарското право односно купувачите на деловниот простор, да го продадат купениот стан, односно деловниот простор, во рок од шест години од денот на заверката на договорот.

4. Според член 4 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, Република Македонија како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики врз основа на договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, може да презема права и обврски настанати од создавањето на СФРЈ, а во тие рамки и во врска со располагањето и користењето на станбениот фонд со кој располагаше ЈНА, а кој, согласно член 134 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92), премина во државна сопственост на Република Македонија.

Во смисла на означената одредба од Уставниот закон и член 119 став 1 од Уставот на Република Македонија меѓу овластени претставници на Република Македонија и на СФРЈ е склучен договор, во кој меѓу другото, е предвидено целокупниот неподвижен имот кој го користи ЈНА на територијата на Република Македонија да се предаде на органите на Републиката, а прашањето за станбениот фонд на ЈНА и остварувањето на правта во врска со неговото користење и располагање да го утврди посебна заедничка комисија. Врз основа на Договорот е склучена Спогодба за заемна соработка и за правата и обврските во врска со примопредавањето на воените недвижности, вклучувајќи го тука и станбениот фонд на ЈНА што се наоѓа на територијата на Република Македонија, во која е предвидена обврска сопствениците кои ги купиле становите од ЈНА, а не ги завериле договорите, да не можат да ги оттуѓуваат во рок од шест години од денот на заверката на договорот.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека со Уредбата се уредува само начинот на извршување на Договорот и Спогодбата со кои е пропишана забрана за продажба на купените станови, поради што оцени дека таа претставува извршен пропис во смисла на член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа, што, согласно член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата е овластена да донесува уредби и други прописи за извршување на законите, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената уредба, а посебно на член 6 од Уредбата, со означените уставни одредби.

5. Во Законот за станбено обезбедување на Југословенската Народна Армија (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е преземен како републички, беа утврдени посебни и различни извори на средства за задоволување на станбените потреби во ЈНА од изворите на средства за задоволување на станбените потреби на работните луѓе во Републиката, утврдени со Законот за станбени односи и со други републички закони од оваа област.

Во означениот закон беше дадена можност за откупување на воените станови и беа утврдени и условите за откупување, како и начинот на определување на цената на тие станови.

Од изнесените законски одредби произлегува дека положбата и карактерот на станбениот фонд на ЈНА беше уреден на различен начин од станбениот фонд на Републиката, па според тоа Судот смета дека со различното определување на условите за продажба на овој станбен фонд не се повредува уставниот принцип на еднаквост утврден во член 9 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.