Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Аналитичката проценка на работните места, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост “Јака-80” во Радовиш на 18 август 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Наков Јованчо од Радовиш му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил донесен без претходна расправа и не бил усогласен со Општиот колективен договор, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во Статутот на Претпријатието се определуваат општите акти што ги донесува Работничкиот совет по претходна расправа, меѓу кои и Правилникот за основите и мерилата за распределба на средствата за лични доходи.
Исто така, Судот утврди дека оспорената Аналитичка проценка е донесена од Работничкиот совет и дека во неа се утврдени основи и критериуми за вреднување на сите работни места.
4. Според член 46 од Законот за претпријатијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.77/77, 40/89, 46/90 и 61/90), работниците во општествено претпријатие одлучуваат со референдум и со други облици на лично изјаснување утврдени со статутот. За сите прашања за кои одлука се донесува со референдум мора да се обезбеди претходна расправа на начин определен со статутот.
Со која форма на одлучување се остваруваат одделните права на работниците се уредува со статутот на општественото претпријатие. Работниците одлучуваат со референдум за статутот на општественото претпријатие.
Од изнесената законска одредба произлегува дека работниците со референдум одлучуваат само за статутот на претпријатието, а не и за другите акти.
Со оглед на тоа што за донесување на оспорениот акт не е пропишана законска обврска за претходна расправа пред работниците, Судот оцени дека тој не е во несогласност со законот. За несогласноста на оспорениот акт со статутот Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
5. Во врска со наводот во иницијативата дека оспорениот акт не е во согласност со Општиот колективен договор, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува, затоа што, согласно член 110 од Уставот, Судот одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законот, а не и за согласноста на општите акти со колективните договори.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.