253/1990-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и члн 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 36-41 од Законот за превоз во патниот сообраќај (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/90 и 32/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Претпријатието во општествена сопственост “Траншпед-Македонија” во Струмица, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените членови од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се повредувало уставното начело на рамноправност на стопанските субјекти.
3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од Законот се наоѓаат во делот на казнените одредби и дека со нив е предвидено претпријатијата или другите правни лица да се казнуваат за соодветни стопански престапи и прекршоци со повисоки казни од казните предвидени за поединците кои вршат дејност со личен труд и немаат својство на правно лице.
4. Со член 55 од Уставот на Република Макдонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека сите субјекти на пазарот се слободни во своето економско работење и имаат еднаква правна положба на пазарот.
Според член 5 од Законот за превоз во патниот сообраќај, јавен превоз под исти услови утврдени со овој закон можат да вршат претпријатија и други правни лица, како и работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд, односно со личен труд и со средства во сопственост на граѓани.
Меѓутоа, иако според означениот закон правните и физичките лица под исти услови можат да вршат превоз во патниот сообраќај, тие немаат ист правен статус, затоа што правните лица се организираат и својата дејност ја вршат според Законот за претпријатијата, физичките лица кои вршат дејност со личен труд и сопствени средства и кои немаат својство на правни лица се организираат и својата дејност ја вршат според Законот за самостојно вршење на дејност со личен труд.
Со оглед на тоа што правната положба на претпријатијата и другите правни лица и на поединците што самостојно вршат дејност со личен труд и средства во сопственост се уредува со посебни закони, тие претставуваат различни видови на правни субјекти.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Од означената уставна одредба произлегува дека казнивите дека и казните се предвидуваат со закон или со друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат стопанските престапи и прекршоците што можат да ги сторат субјектите што вршат определени дејности. При утврдувањето на казните за соодветните казниви дела право е на законодавецот и на доносителот на друг пропис да ја определат висината на казната за казнивите дела, во зависност од општествената опасност на казнивите дела и видот на сторителот.
Според мислењето на Судот, утврдувањето на висината на казната за казниви дела не претставува елемент на пазарот и претприемаштвото, па според тоа не може да биде од влијание за остварување на уставното начело на еднаквост на субјектите на пазарот.
Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со означените уставни одредби и одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.