162/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 34-а од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија, донесен од Собранието на Самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија на 27 октомври 1982 година (“Службен весник на СРМ” бр.45/82, 15/85, 22/88, 29/89, 47/89 и 28/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Димитар Митрушевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените одредби од тарифниот систем означен во точка 1 од ова решение, затоа што со определувањето на различна цена на електричната енергија за домаќинствата што користат еднотарифно и двотарифно броило, се повредувало уставното начело на еднаквост.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот тарифен систем се определуваат основните тарифни елементи за пресметување на електричната енергија што електростопанските организации им ја испорачуваат на потрошувачите, како и начинот на применувањето на тие елементи.
Според оспорениот член 34-а од Тарифниот систем, тарифните ставови кај кои потрошувачката на електричната енергија се мери со еднотарифни броила се пониски за 20% од поголемите дневни тарифни ставови кои се мерат со двотарифно броило.
4. Со член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 и 3 на овој член на Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека стопанските субјекти се слободни на пазарот, а во тие рамки можат слободно да ги определуваат критериумите и мерилата за утврдување на цената на нивните производи и услуги.
Понатаму, согласно член 39 од Законот за енергетика (“Службен весник на СРМ” бр.41/87) испораката на електричната енергија се врши според тарифни ставови, а во рамките на соодветните тарифни системи за продажба на електрична енергија се утврдуваат тарифните ставови во однос на времето на потрошувачката (час, ден, месец, сезона на потрошувачката) ангажираната моќност, количеството и квалитетот на енергијата што се презема (активна и реактивна енергија) и категоријата на потрошувачката, односно на корисникот за кој се применуваат одделни тарифни ставови.
Со оглед на изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека е право на електростопанските претпријатија да ги утврдат критериумите врз основа на кои ќе се врши продажба на електричната енергија, во кои рамки можат да го предвидат и видот на броилото и во зависност од условите и можностите за користење на скапа или ефтина електрична енергија да утврдат различни цени за потрошувачите на електричната енергија. Со утврдувањето на различни цени на електричната нергија во зависност од видот на броилото, спорд мислењето на Судот, не се создава нееднаквост на потрошувачите, затоа што видот на броилото овозможува различни технички услови и економски можности за користење на електричната енергија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точкат 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ и Вера Терзиева-Тројачанец.