90/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 јануари 1993 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ одлуките за дополнување на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, донесени од Извршниот одбор за вршење на работите на Собранието на Општината Гостивар на 4 јануари и 13 февруари 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Гостивар”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Наталија Јаневска од Гостивар, со Решение У.бр.90/92 од 11 ноември 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
4. На седницата Судот утврди дека во означените одлуки е определено дека се донесени по претходна согласност на Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија бр.08-492 од 9 декември 1991 година. Понатаму, Судот утврди дека претходната согласност од Министерството е дадена за Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Гостивар од 18 декември 1991 година, а не и за наведените одлуки.
Според член 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) урбанистичките планови, пред донесувањето, задолжително се доставуваат до републичкиот орган на управата надлежен за работите и урбанизмот на согласност заради оценка на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеноста со просторните планови и со одредбите на овој закон. Според член 37 став 2 од Законот, измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на начин и во постапка како за нивното донесување.
Со оглед на тоа што на означените одлуки за дополнување на Одлуката за измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план не е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, Судот оцени дека не се во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.