Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 јануари 1993 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 став 1 и член 67 став 4 од Законот за кривичната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 14/85, 74/87, 57/89 и 3/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.24/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Љубомир Бочваров од Свети Николе му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што правото на граѓанинот на бранител во полициската и судската постапка ја ограничувале само на адвокат, што создвало монопол заадвокатите во пружањето правна помош, што не било во согласност со Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека според член11 став 1 од Законот обвинетиот има право да се брани сам или со стручна помош од бранител што ќе го избере самиот од редот на адвокатите, а според ставот 2, ако обвинетиот не зема бранител сам, судот, заради обезбедување на одбрана, ќе му постави на обвинетиот бранител кога е тоа определено со Законот.
Согласно член 67 ставовите 1, 2 и 3 лицето има право на бранител во постапката пред органите за внатрешни работи и судската постапка. Обвинетиот може да има бранител во текот на целата постапка. Тој мора да се поучи дека има право да земе бранител и дека бранителот може да присуствува на неговото испитување. Бранител можат да му земат и неговиот законски застапник, брачниот другар, роднина по крв во права линија, посвоеник, посвоител, брат, сестра и хранител. Според ставот 4 за бранител може да се земе само адвокат, а него може да го замени адвокатски приправник. Ако постапката се води за кривично дело за кое според закон може да се изрече казна затвор во траење од пет години или потешка казна, адвокатот може да го замени адвокатски приправник само ако има положено правосуден испит. Пред Врховниот суд на Република Македонија бранител може да биде само адвокат. Според ставот 5 ако во седиштето на судот нема доволно адвокати, претседателот на судот на барање на обвинетиот или на лицата што можат да му земат бранител, ќе одобри за бранител да се земе дипломиран правник способен на обвинетиот да му даде помош во одбраната.
4. Со член 12 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија е определено дека слободата на човекот е неприкосновена, дека таа никому не може да му биде огбраничена, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдени со закон. Според ставот 3 лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознаено со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската постапка.
Според мислењето на Судот, правото на бранител во полициската и судската постапка на лицата што се повикани, приведени или лишени од слобода претставува посебен облик на уставна гаранција на неприкосновеноста на слободата на човекот. Остварувањето на ова право, како и на сите други права од членот 12 од Уставот, има за цел да обезбеди слободата на човекот да не се ограничува без да се даде можност за одбрана која би била поквалификувана и поефикасна од одбраната што би ја пружило самото приведено, повикано или од слобода лишено лице.
Смислата на одредбите од членовите 11 и 67 од Законот за кривична постапка, според мислењето на Судот, не е насочена кон ограничување на правото на бранител, туку кон разработување на можните начини на остварување на ова право. При тоа, обврската во кривичната постапка бранителот да биде од редот на адвокатите не претставува ограничување на обвинетиот, туку негова заштита, затоа што ако тој не е во можност да земе адвокат како бранител, остварувањето на тоа право ќе му го обезбеди судот по службена должност со поставување бранител од редот на адвокатите. Ограничувањето се однесува само на лицата што не се адвокати, со цел да обезбеди стручност и квалитет во пружањето на помош на обвинетиот во одбраната.
Со оглед на тоа што гарантирањето на правото на обвинетиот на бранител е дел од основните слободи и права на граѓанинот во случаите кога е обвинет, а не право на граѓанинот да биде бранител во полициската и судската постапка, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.