Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 23 декември 1992 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА точка 2 од Одлуката за усвојување на информацијата за одржување на системите, искористеноста и наплатниот воден надоместок, донесена од Собранието на Општина Тетово на 7 јули 1992 година (“Службен гласник на Општина Тетово” бр.7/92).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Тетово”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.165/92 од 23 септември 1992 година, по иницијатива на водостопанското претпријатие “Полог” во Тетово, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 2 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законот.
4. На седницата Судот утврди дека со точка 2 од Одлуката Водостопанското претпријатие “Полог” се задолжува да склучува товарни договори со корисниците на неговите услуги, а наплатувањето да се врши по договорот и за површините што се наводнуваат.
5. Според член 115 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење. Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.
Според член 124 став 3 од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/81, 13/82, 37/87, 51/88, 20/90, 23/90 и 24/91), корисниците на вода од хидромелиоративните системи односно водостопанските објекти и постројки за наводнување на земјоделски и други земјишта се должни да ги пријавуваат тие земјишта на водостопанската или друга организација, која управува со тие системи односно објекти, а според членовите 137 и 138 корисниците се должни на водостопанската организација да и плаќаат надоместок за наводнување и одводнување на земјоделски земјишта. Со член 139 од Законот се утврдени основиците за плаќање надоместок и тоа за обезбедено доведување на вода-хектар површина на земјиште и за испорачана, употребена или искористена вода – метар кубен вода или единица површина и видот на земјоделската култура. Според член 140 од Законот висината на надоместокот ја утврдува собранието на самоуправната интересна заедница за водостопанство. Според член 177 од Законот надзор над законитоста на работата на водостопанските организации врши Републичката управа на водостопанство.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека односите помеѓу корисниците на вода за наводнување и водостопанските организации во врска со утврдувањето на надоместокот и на висината на надоместокот се уредуваат со закон и дека собранието на општината нема овластување да ги уредува тие односи со свои акти.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека точкат 2 од одлуката не е во согласност со наведените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.