Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, на седницата одржана на 17 декември 1992 година, донесе,
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ точките 3 и 4 од Насоките за надминување на состојбите во врска со незаконското сменување на директорите, раководните работници и членовите на органот на управување во одделни претпријатија по пат на штрајк, донесени од Владата на Република Македонија на 7 март 1992 година.
2.СЕ ОДБИВА предлогот за оценување уставноста и законитоста на точките 1, 2, 5, 6 и 7 од насоките означени во точка 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Сојузот на синдикатите на Македонија, со предлог поднесен до Уставниот суд на Република Македонија, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што со него Владата го ограничувала уставното право на штрајк на работниците, и ги штитела работоводните органи и органите на управување во претпријатијата. Штрајко, како легитимно средство за остварување на правата и интересите на работниците, според предлагачот, можел да се користи и за менување на органите на управување кои постапуваат незаконски, не ги спроведуваат сопствените акти и недоволно се ангажираат за надминување на лошите економски состојби во претпријатијата. Исто така, предлагачот смета дека Владата не била овластена на судовите да им налага начин на постапување во случај на сменување на директорите по пат на штрајк, затоа што тоа не било во согласност со Уставот и законот.
5. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека со точката 3 од Насоките е предвидено надлежниот суд да не врши промена на овластеното лице во судскиот регистар до донесувањето на конечната одлука, а во точка 4 од Насоките преку Министерството за правосудство и управа се задолжуваат судовите за приоритетно решавање на покренатите спорови за заштита на правата и интересите на разрешените работоводни органи, раководни работници и членовите на органите на управување и со привремени мерки да го запираат извршувањето на одлуките за разрешување на овие лица, донесени за време на штрајк или на друг незаконски начин.
6. Претставникот на Сојузот на синдикатите на Македонија на јавната расправа истакна дека со оспорените насоки се воспоставуваат нови односи за одржување на штрајкот, иако прашањата на кои се однесуваат Насоките биле уредени со Уставот и законите, со што се навлегувало во раководењето и управувањето со претпријатијата, кои се самостојни субјекти и е допуштено било кој орган да се меша во нивната работа.
Претставниците на Владата и другите учесници во јавната расправа истакнаа дека со оспорените насоки не се ограничувало правото на штрајк, а биле упатени до органите кои се должни да ги почитуваат законите и претставувале само препорака без задолжителен карактер и дека Владата била овластена во рамките на одговорноста за извршување на законот да презема мерки за нивна доследна примена.
7. Според член 8 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок во Републиката е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Носител на извршната власт, според член 88 од Уставот е Владата на Република Македонија, која, согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 98 од Уставот на Република Македонија судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судот врз основа на Уставот, законите и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот.
Според член 46 став 7 од Законот за Владата на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90) Владата утврдува начелни ставови и насоки во однос на остварувањето на политиката на Собранието и на извршувањето на законите и другите прописи и општи акти на Собранието и актите на Владата, во рамките на својата надлежнот утврдена во означените уставни одредби.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека судовите се самостојни и независни и судот само врз основа на Уставот и законите и ратификуваните меѓународни договори и дека Владата нема овластување да им дава насоки и инструкции за начинот на нивното одлучување.
Со оглед на тоа што точките 3 и 4 од Насоките содржат упатство за начинот на постапувањето и одлучувањето при уписот во судскиот регистар на промената на овластеното лице и при решавањето на споровите за заштита на интересите на раководните работници и членовите на органите на управување разрешени со одлуки донесени за време на штрајк или друг незаконит начин, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените уставни и законски одредби.
8. Понатаму, Судот утврди дека во точка 1 од Насоките е предвидено работоводниот орган, раководните работници и членовите на органот на управување во претпријатието да се разрешуваат под услови и постапка утврдени со Законот за претпријатијата, Законот за работните односи и статутоте на претпријатијата. Заради заштита на имотот на претпријатието, безбедноста на работниците и заштита на нивните права, според точка 2 од Насоките, одлуките за разрешување на директорите, раководните работници и отповикувањето на членовите на органот на управување донесени за време на штрајк, да не се извршуваат до конечноста на одлуката, а во случај да е издадена привремена мерка од судот, до правосилноста на пресудата. Во точка 5 од насоките е предвидено надлежните органи во претпријатието да ги извршуваат одлуките на правосудните и инспекциските органи, а во случај на неизвршување на тие одлуки овластените органи против одговорните лица да преземаат мерки пропишани со закон. Во точките 6 и 7 од Насоките се укажува на потгребата начинот и постапката за именување и разрешување на раководниот орган да се уреди со Законот за претпријатијата, а заради заштита на општествената сопственост до нејзиното трансформирање со закон, да се овласти јавното правобранителство или друг надлежен орган да презема мерки за нејзина заштита.
Со член 38 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на штрајк, при што со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк само во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Условите и правилата за остварувањето на ова уставно право се утврдени со Законот за штрајк (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/91), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, се применува како републички. Според овој закон штрајкот е организиран прекин на работата на работниците заради остварување на општествените и социјалните права и интереси по основ на трудот.
Условите и правилата утврдени со закон за одржување на штрајк мора да се почитуваат од страна на штрајкувачкиот одбор и штрајкувачите.
Според член 54 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90) и член 54 од Законот за избор на органите на управување и на другите органи во организациите на здружениот труд (“Службен весник на СРМ” бр.42/77, 3/87 и 48/88) директорот на претпријатието се именува и разрешува со одлука на работничкиот совет, а според член 57 од Законот за претпријатијата директорот е одговорен за законското работење на општественото претпријатие.
Владата на Републиката, во рамките на своето овластување да ја утврдува политиката на извршување на законите, е овластено да презема мерки за доследно извршување на законите заради остварување на принципот за владеење на правото.
Со оглед на тоа што со точките 1, 2, 5, 6 и 7 од Насоките не се ограничува правото на штрајк на работниците, туку со нив само се укажува на потребата од примена на законите при разрешувањето на работоводниот орган и на членовите на органите на управување во претпријатието во случај на штрајк, односно на потребата од преземање мерки за доуредување на односот во оваа област, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените уставни и законски одредби.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.