224/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 16 декември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 22 од Правилникот за заедничките основи и мерила за решавање на станбените потреби на работниците во Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје” во Скопје, донесен од Работничкиот совет на 30 јули 1990 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Пешиќ Љубомир од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 22 од актот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со него како основ за утврдување редот на првенство за доделување стан бил предвиден работниот придонес кој се изразувал преку личниот доход на работникот, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 22 од Правилникот е предвиден основот работен придонес, кој се утврдува во зависност од висината на остварениот нето личен доход на работникот во годината која и претходи на годината во која е објавен огласот, а се изразува во бодови.
4. Според член 42-а од Законот за станбени односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86 и 1/90) и член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, со општ акт на организацијата се утврдуваат основите и мерилата за користење на средства за заедничка потрошувачка, по основ на распределба според трудот и солидарноста.
Од изнесените законски одредби произлегува дека организацијата како основ за распределба на станови може да го предвиди придонесот во работата и да се определи начинот на неговото вреднување изразен преку личниот доход.
Судот, поради тоа оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Правилникот со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.