201/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 10 декември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на
а) Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје за 1992 година, донесена од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/92);
б) Програмата за комунално-сообраќајна дејност на подрачјето на Град Скопје за 1992 година, донесена од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/92); и
в) Програмата за поставување на времени објекти во Град Скопје, донесена од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија на Република Македонија (“САлужбен весник на Република Македонија” бр.42/92):
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Извршниот одбор на Собранието на Општината “Центар” во Скопје за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените програми биле донесени од републичките органи на управата, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Програмата означена во точка 1 под а) од ова решение се определува подрачјето на кое се уредува градежното земјиште, обемот на уредувањето, степенот на опремување со комунални објекти и инсталации и сообраќајници, изворите на средства за финансирањето на уредувањето пресметка на трошоците за уредување на земјиштето, динамиката на уредувањето и друго.
Со програмата наведена во точка 1 под б) од ова решение се утврдени изворите на средства, видовите на работите и мерките поврзани со одржувањето на комуналните објекти и инсталации.
Со програмата наведена во точка 1 под в) од ова решение се определени видовите на времени објекти, локалитетите, условите и начинот на нивното поставување.
4. Според член 115 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Согласно член 2 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/89 и 21/91) земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката. Според член 36 од Законот градежното земјиште со кое управува Републиката го доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти. Според член 38 изградбата на станбени, стопански, комунални и други објекти се врши, по правило, врз уредено градежно земјиште, а по исклучок и врз неуредено градежно земјиште, при што корисникот е должен, врз основа на програма, а според ставот 2, оваа програма ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистички план, по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот во делот на неговата надлежност. Согласно член 46 став 1 од Законот за градежното земјиште, средствата остварени на име надоместок за употреба на уредено градежно земјиште се користат за финансирање на изградба на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште во согласност со програмата, а според ставот 2, по исклучок, дел од овие средства во висина од 30% може да се употреби како учество во трошоците за одржување на комуналните објекти и инсталации, што се утврдува со програмата.
Според член 30 од законот за изменување и дополнување на Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/91), кој влезе во сила на 17 мај 1991 година, поблиските прописи, меѓу кои и програмата за уредување на градежното земјиште, требаше да се донесат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на Законот, односно до 17 јуни 1992 година.
Со член 34-а од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/90 и 11/91) се дефинира што се смета за времен објект, а во член 34-б се пропишува дека за поставување на времени објекти собранието на општината односно Собранието на Град Скопје донесува програма, по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Според член 10 од законот за изменување и дополнување на Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/91), кој влезе во сила на 22 март 1991 година, програмата од член 34-б од Законот, Собранието на општината односно Собранието на Град Скопје, требаше да ја донесе во рок од 3 месеци од денот на влегувањето во сила на Законот, односно до 22 јуни 1991 година.
Според член 22 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90) органите на управата, во рамките на своите овластувања во областа за кои се основани, ја следат состојбата, особено спроведувањето на политиката и извршувањето на законите, другите прописи и општи акти. Врз основа на резултатите до кои доаѓаат во следењето на состојбата органите на управата преземаат мерки за кои се овластени или ги известуваат Собранието и Владата и даваат иницијативи за преземање на мерки со кои се обезбедува остварување на политиката и извршување на законите, другите прописи и општи акти или отстранување на појавите што не се во согласност со утврдената политика и даваат иницијативи за утврдување на политиката и уредување на односните прашања. Според член 57 од Законот, односите на органите на управата спрема собранието и другите органи на општината и градската заедница (органите на општината и градската заедница) се засновуваат врз правата и должностите утврдени со Уставот, законот и статутот на општината, односно градската заедница, во согласност со закон. Спорд член 60 од Законот кога на органите на општината и градската заедница со закон им е доверено вршење на одредени работи и извршување на законите и другите прописи, органите на управата им пружаат стручна и друга помош од значење за извршување на нивните работи. Според член 61 од Законот, кога органот на управата во вршењето на правото на надзор, ќе утврди дека органите на општината и градската заедница не ги извршуваат законите и другите прописи чие извршување им е доверено за тоа ќе ги предупреди тие органи и ќе им укаже на последиците од неизвршувањето или неправилното извршување на законот или другиот пропис и на мерките што мора да ги преземат. Ако и покрај предупредувањето органите на општината и градската заедница и понатаму не извршуваат или неправилно извршуваат закон или друг пропис чие извршување им е доверено, органот на управата непосредно ќе го обезбеди нивното извршување, со обврска општината да ги врати обезбедените средства за извршување на тие работи.
Од изнесените законски одредби произлегува дека програмата за уредување на градежното земјиште во која влегуваат и прашањата поврзани со финансирањето на одржувањето на комуналните објекти и инсталации, односно програмата за поставување времени објекти, собранието на општината односно на градската заедница, ги донесува по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Од нив, исто така произлегува обврска за собранието на општината односно собранието на градската заедница овие програми да ги донесе во определен рок од влегувањето во сила на наведените закони, како и право и обврска републичките органи на управата да го обезбедат извршувањето на заоните кога тоа не го прават органите на општината, односно градската заедница.
Тргнувајќи од околноста што градежното земјиште е на Републиката, што нејзините органи го доделуваат на користење, што уредувањето на градежното земјиште е законска категорија и републичките органи даваат претходна согласност на програмите за уредување на градежното земјиште, Судот оцени дека програмите за уредување на градежното земјиште, за одржување на станбено-комуналните инсталации и за поставување на времени објекти претставуваат прописи за извршување на законите и дека нивното донесување и е доверено на општината односно на градската заедница. Со тоа, според мислењето на Судот не се супституира со закон утврденото овластување на општините да ги донесуваат овие промени, туку само се обезбедува извршувањето на законот во случаите кога тое е препуштено од страна на општината односно градската заедница. Во конкретниот случај, Судот утврди дека собранието на општината односно градската заедница во законски пропишаниот рок, и покрај укажувањата од републичкиот орган на управата, не ги донело соодветните програми чие донесување им е доверено. Поради тоа, Судот оцени дека се стекнале законските услови за непосредно извршување на наведените закони од страна на републичките органи на управата.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека нема основи за поведување постапка за оценување на согласноста на спорните прашања со аведените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.