Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 став 1 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, по јавната расправа, на седницата одржана на 9 декември 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на актот кој се однесува на начинот на организирање на забавишните групи, донесен од Министерот за труд и социјална политика на 21 октомври 1991 година.
2. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.199/91 од 15 јули 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.
3. Судот на јавната расправа и на седницата утврди дека забавишните групи не претставуваат посебни самостојни установи и дека немаат правен субјективитет, туку се еден од облиците на згрижување и воспитание на децата.
Според член 27 од Законот за општествена заштита на децата (“Службен весник на СРМ” бр.6/81 и 17/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) организациите за згрижување и воспитување се самостојни правни субјекти, а согласно членовите 29, 37 и 47 од овој закон, Министерството за труд и социјална политика е овластено да утврдува дали се исполнети законските услови за работа на организацијата за згрижување и воспитување и да врши надзор над законитоста на нејзината работа. Согласно член 14, Министерството ги утврдува стандардите, основите и мерилата и другите услови за вршење на таа дејност. Средствата за финансирање на општествената заштита на децата, според член 39-а од овој закон, се обезбедуваат од Републичкиот буџет и со нив се финансира и дејноста на организациите за згрижување и воспитување на деца, а според членот 39-г став 2, програмата за остварување и развој на општествената заштита на деца ја донесува Владата на Република Македонија по предлог на Министерството. Со средствата за финансирање на општествената заштита на децата, согласно член 39-д од Законот, управува и располага Министерството, кое ја врши и распределбата на средствата за правата од општествената заштита на децата, и за остварување на дејноста на организациите за згрижување и воспитание на децата и опремувањето на објектите од општествена заштита на децата.
Понатаму, Судот утврди дека со оспорениот акт не се укинуваат забавишните групи, туку се врши нивно функционално поврзување со организациите за згрижување и воспитание на децата, при што преземањето на работниците и средствата за работа се препушта на спогодбено решавање меѓу организациите за згрижување и воспитание на децата и основните училишта во рамките на кои биле организирани забавишните групи.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.