160/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 25 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Условите за осигурување од авто одговорноста, донесени од Управниот одбор на АД за осигурување “Македонија” – Скопје на седницата од 12 јуни 1991 година.
2. Димитрие Митрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него била востановена обврска на сопствениците на моторни возила за задолжително осигурување за штета направена на трети лица, односно однапред се прогласувале за виновници сопствениците на возилото за штета што ниту ја сториле и не било извесно дали ќе ја стора, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со Условите за осигурување од авто одговорност се утврдуваат обемот на покритие на штета, исклучувањето од осигурувањето, губењето на правата од осигурувањето, обврските на осигуреникот и на осигурувачот, како и утврдувањето на плаќањето на премиите. Понатаму, Судот утврди дека во Условите не е утврдена обврска за граѓаните при регистрација на моторно возкло задолжително да се осигуруваат од штета направена на трети лица.
4. Според член 83 од Законот за основите на системот за осигурување на имоти и лица (“Службен лист на СФРЈ” бр.17/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, задолжително се осигуруваат патниците во јавниот сообраќај од последици од несреќен случај, корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорноста за штети причинети на тети лица и корисниците односно сопствениците на воздухоплови од одговорноста за штети причинети на трети лица. Според член 84 став 1 од Законот, сопствениците односно корисниците на превозни средства на кои се применуваат одредбите од овој закон за задолжителните осигурувања се должни да склучат договор за задолжително осигурување со организацијата за осигурување. Според ставовите 2 и 3 од овој член од законот, договорот за задолжително осигурување мора да биде склучен пред да се пушти превозното средство во сообраќај, а организацијата за осигурување која се занимава со задолжително осигурување е должна да ги склучува договорите за задолжително осигурување под условите под кои ги врши тие осигурувања.
Согласно член 29 од Законот за осигурување имот и лица (“Службен весник на СРМ” бр.36/77), задолжителното осигурување во сообраќајот се врши согласно Законот за основите на системот на осигурување имоти и лица, овој закон, општествен договор, условите и тарифата на премии што ги донесува заедницата за осигурување односно заедницата за ризици, а според член 38 од овој закон задолжително се осигуруваат од одговорност за причинета штета на трети лица сопствениците односно корисниците на регистрирани моторни и приклучни возила, трактори и работни машини што се движат со сопствен погон, како и на оние што повремено се движат по јавен пат, односно друга површина на која се врши сообраќај на моторни возила.
Од изнесените законски одредби произлегува дека задолжителното осигурување на корисниците односно сопствениците на моторни возила од одговорност за штета причинета на тети лица и должноста за склучување договор за задолжително осигурување пред да се пушти превозното средство во соограќај, се востановуваат со закон, а заедницата за осигурување односно заедницата за ризици ги определува само условите за осигурување и тарифата на премиите, порди што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.