Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 25 ноември 1992 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Урбанистичкиот проект за 7 зона на 7 урбана единица во централното градско подрачје во Охрид, донесен од Извршниот совет на Собранието на Општината Охрид во 1990 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.69/91 од 22 април 1992 година, по повод поднесена иницијатива од Мушариски Ѓорѓи поведе постапка за оценување законитоста на урбанистичкиот проект означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
4.На седницата Судот утврди дека со оспорениот урбанистички проект се вршат измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план, без одржување јавна расправа по нацртот на оспорениот урбанистички план.
Според член 31 став 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85), кој беше во сила во време на донесувањето на оспорениот урбанистички проект, урбанистичките планови, освен урбанистичкиот проект, задолжително се става во фазата на нацрт на план на јавен увид и јавна расправа. Според член 19 став 3 од Законот урбанистички проект се донесува за населено место или делови од населено место на кое претстои комплексна изградба или реконструкција или претставуваат посебно карактеристични урбанистичко-архитектонски односно историско-градителски целини. Според член 34 став 1 од овој закон урбанистички план донесуваше собранието на општествено-политичката заедница, а според став 4 на овој член собранието на општината можеше донесувањето на урбанистичкиот проект да го пренесе на својот извршен совет. Според член 37 став 2 од Законот, кој сеуште е во сила, урбанистичките планови се изменуваат и дополнуваат на начин и во постапка пропишана за нивно донесување.
Според измените на член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, а според измената на член 34, и урбанистичките проекти се донесуваат во иста постапка како и другите урбанистички планови.
Од изнесените законски одредби произлегува дека урбанистички проект претставува разработка на детален урбанистички план и со него не може да се вршат измени на основниот и деталниот урбанистички план надвор од постапката пропишана со закон.
Со оглед на тоа што со оспорениот урбанистички проект се вршат измени и дополнувања на деталниот урбанистички план од Извршниот совет на Собранието на Општина Охрид, кој во фазата на нацрт не бил ставен на јавна расправа, Судот оцени дека тој не е во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.