80/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 25 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на точка 4 од Одлуката бр.03-224/1, донесена од Управниот одбор на АД “Југопромет” во Струмица на 2 март 1992 година.
2. Петров Симеон и Петрова Марика од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на точката 4 од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа било предвидено на работниците кои по сопствена желба го напуштиле АД “Југопромет” во Струмица да не им се продаваат становите во општествена сопственост, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената точка 4 од означената одлука е предвидено на работниците кои по сопствена желба го напуштиле акционерското друштво да не им се продаваат становите во општествена сопственост и тоа на работниците Петров Симеон, Мишевска Катерина и Милева Вера.
4. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека не е надлежен да одлупува по него, затоа што оспорената одредба од одлуката претставува поединечен акт и нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија. Според означената уставна одредба Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста и законитоста на прописите, а не и за поединечните акти.
Судот едновремено утврди, дека според член 3 став 2 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/90 и 62/92) продажбата на општествените станови веќе не зависи пред се од давателот на станот, туку од волјата на носителот на станарското право. Според овој член од Законот доколку давателот на станот не донесе одлука за продажба на становите, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на законот, носителот на станарското право може да поднесе предлог до надлежниот суд, кој во вонпроцесна постапка ќе донесе решение што ќе го замени договорот за купопродажба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.