Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 18 ноември 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за доплата на разлика од набавната вредност на огревното дрво до цената на огревното дрво на денот на товарањето, донесена од Извршниот одбор на Претпријатието во општествена сопственост за стопанисување со шуми “Бигла” во Демир Хисар, на 14 август 1992 година.
2. На Уставниот суд на република Македонија од група граѓани од Демир Хисар му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се предвидува граѓаните два пати да плаќаат исти дрва, што не било во согласност со Уставот и законот.
3. На седницата Судот утврди дека со означената одлука се предвидува обврска за лицата кои сечеле огревно дрво по цена од 500,00 денари по 1 метар кубен, а тие дрва не ги користат во местото на сечата, туку имаат намена дрвата да ги однесат на друго место, да доплатат уште по 300,00 денари по 1 метар кубен.
4. Според мислењето на Судот, со оспорената одлука се определуваат елементи на облигационен однос помеѓу претпријатието што стопанисува со шумите и граѓаните што вршат сеча и дека таа нема карактер на општ акт во смисла на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, туку карактер на акт на деловно работење на претпријатието со елементи на облигациони односи и дека за спорот што настанува помеѓу учесниците во тој однос Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лзарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.