У.бр.83/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за воведување обврска за плаќање при патување во странство (“Службен весник на Република Македонија” бр. 26/92).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Партијата за човековите права на Македонија од Струмица, Лигата за демократија од Скопје, Лигата за економско-правна заштита на штедачите и другите доверители на Македонија од Скопје и Југобанка А.Д. од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи со барање за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оневозможувал граѓаните да ја напуштаат територијата на Републиката, затоа што ги ставал граѓаните во нееднаква положба со оглед на нивната имотна состојба, затоа што воведувал странски средства за плаќање, затоа што стимулирал купување девизи на нелегален начин и затоа што ги доведувал во нерамноправна положба банките во Републиката, што не било во согласност со Уставот.

Со една од иницијативите е побарано Уставниот суд на Република Македонија да донесе привремена мерка, со која до конечното одлучување, ќе ја запре примената на член 2 став 1 од оспорениот закон.

4. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Законот се воведува обврска за секое лице-граѓанин на Република Македонија со наполнети 18 години, при секое излегување од Републиката во странство да плаќа по 30 ДМ или противвредност на овој износ во друга странска валута. Според член 2 оваа обврска граѓаните ја извршуваат со уплаќање на средствата кај Стопанска или Комерцијална банка или кај царинските служби. Со член 3 од Законот се наброени исклучоците за кои не се однесува обврската за плаќање при излегување од Републиката, а според член 4, уплатените средства претставуваат девизни средства на Републиката. Со член 6 од Законот е утврдено дека без презентирана потврда за уплатената обврска, граѓанинот не може да ја напушти територијата на Република Македонија.

5. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Согласно член 68 став 1 алинеја 3, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија има уставно овластување да ги утврдува јавните давачки, а граѓаните имаат уставна обврска да плаќаат јавни давачки утврдени со закон и на начин утврден со закон. Од нив, исто така, произлегува дека Уставот не содржи поблиски принципи за утврдувањето на видовите јавни давачки и за начинот на нивното плаќање, поради што законодавецот има право да ги утврди видовите јавни давачки и околностите од кои зависи нивното востановување.

Според мислењето на Судот, со оспорениот закон се востановува еден вид јавна давачка за чие воведување Собранието има уставен основ, поради што оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот закон со наведените уставни одредби.

6. Според член 27 став 1 од Уставот секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да ги избира местото на своето живеалиште. Според ставот 2, секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Со ставот 3 се утврдени случаите во кои со закон може да се ограничи остварувањето на слободата на движењето и правото на излегување и влегување на територијата на Републиката, кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според мислењето на Судот, со оспорениот закон не се пропишува забрана, ниту ограничување за граѓаните за излегување од територијата на Републиката, туку се востановува обврска за граѓаните за плаќање при патување во странство.

Поради тоа, Судот оцени дека и по тој основ не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот закон со наведените уставни одредби.

7. Согласно член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичките и верските уверувања, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на оваа уставна одредба граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со оглед на тоа што според оспорениот закон имотната положба на граѓаните нема карактер на нормативен услов за остварување на слободата на движењето и на правото на излегување од границите на Републиката, Судот оцени дека со востановувањето на обврската за плаќање при патување во странство не се прави дискриминација на граѓаните по основ на имотната положба, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со наведените уставни одредби.

8. Со член 55 став 1 од Уставот е гарантирана слободата на пазарот и претприемништвото, а со ставот 2, Републиката е обврзана да обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и да презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Со ставот 3 се утврдени околностите под кои може да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото – одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.

Судот смета дека уставното овластување за воведување на видовите јавни давачки во себе ги вклучува и овластувањето, во рамките на системот и начинот на извршувањето на законот со кој тие давачки се воведуваат, да се утврди и начинот и носителот на вршењето на банкарските, сметководствените и другите работи за сметка на Републиката, односно дека во конкретниот случај не се работи за односи во областа на пазарот и претприемништвото, туку за пропишување на начинот на извршувањето на законот, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни одредби.

9. Уставот на Република Македонија не содржи одредби со која се определува паричната единица на Републиката и се уредува нејзината употреба. Единствено, со член 60 се определува дека Народната банка на Македонија е емисиона банка, дека е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство и дека организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

Со член 1 од Законот за паричната единица на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92), е определено дека парична единица на Република Македонија е денарот. Според член 2 од Законот, книжните пари и кованите пари кои гласат на денар се единствено законско платежно средство за плаќање на територијата на Република Македонија, а согласно член 3 сите права и обврски по работи кои гласат на пари, а се склучени на територијата на Република Македонија, како и сите вредности и износи, се искажуваат во износи кои гласат на денари.

Според член 1 од Законот за употреба на паричната единица на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92) до издавањето на книжни и ковани пари, согласно Законот за парична единица на Република Македонија, како законско средство за плаќање на територијата на Република Македонија ќе се употребуваат вредносните бонови што ги издава Народната банка на Република Македонија.

Со член 37 од Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92) е определено дека книжните и кованите пари, кои гласат на домашна валута, се законско средство за плаќање на територијата на Републиката, а со член 38 е определено дека сите обврски и права и сите работи што гласат на пари воспоставени во Република Македонија помеѓу претпријатија, други домашни правни лица и граѓани, како и меѓу граѓани со странски лица, се изразуваат во домашна валута и се извршуваат со средства за плаќање што гласат на домашната валута, ако со законј не е поинаку определено.

Според мислењето на Судот, со Уставот не е утврдена забрана друга валута освен националната, да биде законско средство за плаќање во платниот промет, поради што работа е на законодавецот дали, во рамките на уредувањето на односите во областа на платниот промет, како законско платежно средство ќе ја утврди националната валута или пак ќе допушти во одделни случаи платежно средство да биде и друга валута.

10. Со оглед на тоа што одлучи да не поведува постапка за оценување уставноста на оспорениот закон, Судот утврди дека не се исполнети условите за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз негова основа.

11.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Издвоено мислење по предметот У.бр.83/1992