Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и 4 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на точка 5 од Курсната лица бр.24, донесена од Народната банка на Македонија на 21 февруари 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 5 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа било предвидено Курсната листа да не се применува за исплата динарски противвредности по основ на девизно штедење на граѓаните, што не било во согласност со Уставот и закон.
3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека оспорената курсна листа престанала да важи пред поднесување на иницијативата. Имено, со Одлуката за формирање на курсот на домашната валута (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/92) е определен единствен среден курс на домашната валута спрема германската марка, која влегла во сила на 27 април 1992 година и со која Народната банка на Македонија е овластена да ги утврдува курсевите на домашната валута спрема другите конвертибилни валути. Со тоа,престанале да важат актите што се однесуваат на курсот на домашната валута, вклучувајќи ја и оспорената курсна листа. Со оглед на тоа што иницијативата е поднесена по престанокот на важењето на курсната листа, Судот оцени дека не постојат процесно-правни услови за одлучување по неа, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.