73/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 4 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за специјализација и субспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници со високо образование, донесен од Министерството за здравство на 25 декември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него не се предвидувало специјалистите втизиолози и пневмофтизиолози да можат да субспецијализираат, со што се ставале во нееднаква положба во однос на другите специјалисти и им се ограничувало правото на образование, поради што Правилникот не бил во согласност со Уставот и со закон. Исто така, се наведува дека не било обезбедено претходно мислење по Правилникот од Пневмофтизиолошката селекција и од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, што не било во согласност со член 145 став 3 од Законот за здравствена заштита.
3. На седницата Судот утврди дека Правилникот е донесен врз основа на член 146 став 3 од Законот за здравствената заштита и по претходно мислење на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевскиот факултет. Со Правилникот се определуваат гранките кои можат да се специјализираат и субспецијализираат од здравствените работници и здравствените соработници со високо образование и времето на траењето на специјализацијата и субспецијализаијата. Во член 5 од Правилникот е определено дека специјалистите по одделни гранки можат да субспецијализираат определени потесни специјалности, а во точката 36 од овој член на Правилникот е предвидено специјалистите по интерна медицина да можат да субспецијализираат пулмофтизиологија.
Исто така, Судот утврди дека во мислењето на Министерството за здравство упатено до Институтот се наведува дека и специјалистите фтизилози и пневмофтизилози можат да субспецијализираат пулмофтизиологија.
4. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 44 став 1 и 2 од Уставот секој има право на образование, а образованието е достапно на секого под еднакви услови.
Според член 51 став 1 од Уставот законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 146 став 1 и 3 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) здравствените работници и здравствените соработници со висока стручна подготовка можат да специјализираат и да субспецијализираат од определени гранки на медицината, стоматологијата односно фармацијата, а гранките на специјализациите и субспецијализациите, времето на нивното траење и стажот на специјализациите ги пропишува Министерството за здравство по претходно мислење на соодветната високо-образовна организација.
Според член 150 став 1 од Законот, Министерството утврдува критериуми и донесува програма за потребите од специјалистички и субспецијалистички кадри.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека Министерството за здравство е овластено со свој пропис да ги определи, покрај другото, гранките по кои здравствените работници можат да субспецијализираат врз основа на критериумите и програмата за потребите од субспецијалистичките кадри, при што е должно да обезбеди еднаквост на граѓаните кои ги исполнуваат пропишаните услови. По кои гранки на медицината ќе се врши специјализација и субспецијализација на здравствените работници и здравствените соработници определува и Министерството, во зависност од потребите за специјалистички и субспецијалистички кадри во Републиката, во согласност со програмата што ја донесува Министерството. Според тоа, Судот смета дека определувањето гранките на специјализациите и субспецијализациите е прашање на целисходност, а не на уставност и законитост, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со Уставот и со закон.
5. Во врска со наводот дека не било обезбедено претходно мислење од Пневмофтизиолошката секција и од Институтот, Судот смета дека Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевскиот факултет претставуваат соодветни високообразовни организации и дека со обезбедувањето претходно мислење од нив е почитувана постапката за донесување на Правилникот пропишана со Законот, поради што Судот оцени дека тој не е во несогласност со член 146 став 3 од Законот за здравствената заштита.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.