Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 52 точка 27 од Правилникот за работни односи на Претпријатието “Раде Кончар” – Заеднички дејности, во Скопје, донесен од Управниот одбор на 2 октомври 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во претпријатието на начин предвиден за објавување на актите.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.43/92 од 6 мај 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на член 52 точка 27 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во член 52 точка 27 од Правилникот е предвидено како тешка повреда на работната обврска за која може да се изрече мерката престанок на работниот однос да се смета бесправното вселување во стан на претпријатието.
Според член 54 став 1 и 3 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), работникот кој по своја вина не ги исполнува своите должности и работни обврски или не се придржува кон одлуките донесени во организацијата, односно кон одлуката што ја донел работодавачот, прави повреда на работните обврски, што се утврдуваат со закон, со општ акт односно со колективен договор. Согласно член 58 став 1 од означениот закон за потешка повреда на работните обврски се изрекнува мерката престанок на работниот однос, покрај другото и за неизвршување и несовесно, ненавремено и небрежно извршување на работните и други обврски. Според став 2 од овој член, пак, мерката престанок на работниот однос се изрекнува и за други потешки повреди на работните обврски утврдени со закон и со општ акт, односно со колективен договор, а според став 3 со општиот акт односно колективниот договор поблиску се утврдуваат околностите и условите под кои повредите наведени во став 1 од овој член ќе се сметаат како потешка повреда на работната обврска, за која се изрекува мерката престанок на работниот однос во согласност со природата на дејноста, односно на работата што ја врши одделен работник.
Од изнесените законски одредби, произлегува дека со Законот се востановуваат должности и работни обврски и се утврдуваат потешките повреди на работните должности и обврски за кои се изрекува мерката престанок на работниот однос. Исто така, е дадено овластување со општ акт на претпријатието да се утврдат и други потешки повреди на работните обврски за кои може да се изрече оваа мерка, какои да се утврдат околностите и условите под кои повредите наведени во законот ќе се сметаат како потешка повреда на работната обврска. Но, и во едниот и другиот случај, според мислењето на Судот, повредите мора да бидат поврзани со работните должности и работните обврски.
Во конкретниот случај со оспорената одредба како потешка повреда на работната обврска, за која може да се изрече мерката престанок на работниот однос, е предвидено бесправното вселување во стан на претпријатието Судот смета дека бесправното вселување не може да се утврди како повреда на должностите и работните обврски, зашто непосредно не е поврзано со работите кои ги врши работникот и дека за таквата повреда не може да се предвиди мерката престанок на работниот основ. Исто така, Судот утврди дека мерките кои можат да се преземат во случај на весправно вселување во стан се пропишани во Законот за станбените односи (членовите 23 и 35 став 1 точка 14 со кои е пропишана и постапката), при што не се пречушта ни едно од тие прашања да се уреди со општ акт на претпријатието.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.