186/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, по јавната расправа одржана на 22 октомври 1991 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 194 став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91), во делот во кој надоместокот на личниот доход во врска со отсуството од работа поради бременост и породување се ограничува на времето колку што траело здравственото осигурување пред почетокот на породилното отсуство.
2- Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.186/91 од 13 мај 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста на означениот дел на член 194 став 2 од Законот за здравствена заштита, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4.Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека со означениот член 194 став 2 од Законот е пропишано надоместокот на личниот доход за време на отсуство од работа поради бременост и породување да припаѓа за онолку време колку што траело здравсдтвеното осигурување пред почетокот на породилното отсуство, а најмалку за времето утврдено со прописите за работни односи.
Од изнесената законска одредба произлегува дека правото на исплата на овој надоместок се врзува со времето на траењето на здравственото осигурување пред почетокот на породилното отсуство.
Претставникот на Министерството за здравство на јавната расправа истакна дека бременоста и породувањето не претставуваат болест, поради што и правото на отсуство од работа поради тие состојби и надоместокот на личниот доход за тоа време, по својата суштина, не се права кои произлегуваат од здравственото осигурување. Меѓутоа, со оглед на фактот што со други закони, и покрај покренатата иницијатива, прашањето за надоместокот на личниот доход не е уредено, во интерес на осигурениците, со оспорените одредби од Законот за здравствена заштита, тоа привремено се утврдувало како право од здравственото осигурување. Со цел да се спречат злоупотребите на ова право со оспорената одредба од Законот времето на примената на тоа право се условило со траењето на здравственото осигурување пред почетокот на осигурувањето.
5. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Репуболиката, покрај другото, се хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон, а според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гбарантира правото на здравствена заштита.
Според член 42 од Уставот на Република Македонија Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица, а за мајките обезбедува право на посебна заштита при работа.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека заради обезбедување улогата на мајката во биолошката репродукција и потребата на децата да им се создадат услови за нормален психофизички развој, Републиката има обврска посебно да ги заштитува мајчинството и децата, а за мајката во работен однос да обезбеди посебна заштита при работа.
Според член 41 став 1 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, се применува како републички, за време на бременост и породување работничката има право на породилно отсуство од најмалку 270 дена непрекинато, а според член 39 став 3 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/90) за ова време на работникот му припаѓа надоместок за личниот доход во согласност со општ акт односно колективен договор и закон.
Според член 11 точка 5 од Законот за здравствена заштита здравствената заштита во врска со беменоста и породување е утврдена како основно право што се обезбедува преку задолжителното здравствено осигурување врз начелата на заемност и солидарност, а според член 18 од овој закон надоместокот на личен доход за привремена спреченост од работа припаѓа од првиот ден на спреченоста и се додека трае спреченоста.
Согласно член 129 став 1 точка 1 од Законот здравствените организации стекнуваат средства за работа од Фондот за здравствено осигурување, покрај другото, и за здравствените услуги од член 11 од Законот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и фактот што според Законот сите други осигуреници го остваруваат правото на надоместок на личен доход за целото време на спреченоста за работа без оглед на времетраењето на осигурувањето, а со оспорената законска одредба само правото на надоместок на личниот доход за време на бременост и породување зависи од времето колку што траело здравственото осигурување пред почетокот на отсуството, Судот оцени дека со неа се повредува уставното право на посебна заштита на мајчинството и на мајката работничка утврдено во член 42 став 1 и 3, начелото на солидарност утврдено во член 8 став 1 алинеја 8 и начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија.
При одлучувањето Судот ги имаше предвид и мислењата искажани на јавната расправа, но оцени дека околноста што правото на надоместок на личниот доход за време на отсуство од работа поради бременост и породување било уредено со преодните одредби на Законот, како привремено решение, не може да биде основа осигурениците кои се користат со тоа право да имаат поинаква положба од другите осигуреници се додека тоа право претставува право од здравственото осигурување. Ова и поради тоа што средствата за остварување на ова право се обезбедуваат во фондот за здравствено осигурување. Злоупотребите, пак, на ова право од страна на поединци не може да биде основ оваа категорија на осигуреници да се става во понеповолна положба од другите.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.