125/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Одлуката за каматните стапки на Љубљанска банка ДД-Љубљана-Филијала-Скопје, донесена од директорот на банката на 1 јануари 1992 година, и на доворите за отворање и користење на тековни сметки.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со одлуката биле предвидени превисоки интерни камати, што со договорите се предвидувале ревалоризирани камати што не биле доставувани каматни листи на корисниците на тековни сметки и што текстот на договорите бил еднострано понуден, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се утврдува висината на активните каматни стапки за недозволените пречекорувања по тековните сметки на граѓаните, а во договорите се утврдени правата и обврските на договорените страни.
4. Според членовите 1052 и 1053 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/87, 39/85, 45/89 и 57/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, банкарската тековна сметка е посебен договор склучен во писмена форма померу банката и нејзиниот клиент за отворање посебна сметка преку која банката прима уплати и врши исплати во границите на средствата на клиентот и во границите на одобрениот кредит. Според член 1054 од Законот банката е должна преку тековната сметка да врши плаќање за депонентот и тогаш кога на сметката нема покритие и тоа во обемот што е предвиден во договорот за отворање тековна сметка или со посебна спогодба. Оваа обврска на банката може да се исклучи со договорот за отворање тековна сметка.
Согласно член 18 став 2 точка 9 и член 22 став 1 од Законот за банките и другите финансиски организации (“Службен лист на СФРЈ” бр.10/89, 40/89, 84/89, 87/89, 72/90 и 79/90), кој, што, исто така, согласно член 5 од означениот Уставен закон, се применува како републички, банката, меѓу другото, врши и определени работи на платниот промет, во чии рамки може да ги води тековните и другите сметки на граѓаните и по тие сметки да врши платен промет за сметка на сопствениците на тековните сметки. Според член 31 од Законот, за вршење на депозитни, кредитни, посреднички и други банкарски работи банката самостојно ги утврдува и договара каматите и надоместоците.
Од наведените законски одредби произлегува дека односите поврзани со отворањето и работењето со тековна сметка имаат карактер на облигациони односи и дека се предмет на писмен договор помеѓу банката и нејзиниот клиент. Согласно со тоа, предмет на овој договор, може да биде како пасивната камата на депонираните средства на тековната сметка што банката му ја исплаќа на депонентот, така и активната камата, со која банката го задолжува сопственикот на сметката за долговното салдо за кое нема покритие на сметката. Од овие законски одредби, исто така, произлегува дека висината на каматите банката ги утврдува и ги договара самостојно, односно дека висината на каматите е предмет на договорот за отворање на тековни сметки.
Со оглед на изнесеното, Судот смета дека утврдувањето на пасивните и активните камати по тековните сметки, меѓу кои и висината на каматите за дозволените и недозволените пречекорувања по тековните сметки на граѓаните, е работа на каматната политика на банките и дека одлуките со кои се утврдени тие камати немаат карактер на општи правни акти, поради што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.
5. Судот, исто така, утврди дека договорите за отворање и користење на тековни сметки немаат карактер за општи правни акти, поради што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по нив.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.