169/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за дополнување на табеларните прегледи за извршеното вреднување на работите и задачите на работните места во Агроиндустрискиот комбинат “Куманово” во Куманово, донесена од Работничкиот совет на 25 април 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа бил предвиден помал личен доход на работното место референт за здравствена состојба на семенски посеви и здравствена контрола на семе во лабораторија, а за референтите кои работеле на истите задачи, но со различна насока на земјоделски факултет, бил предвиден поголем број бодови, што не било во согласност со Уставот, со закон и со општиот колективен договор.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се определуваат личните доходи на работниците во означениот земјоделски комбинат според стручната подготовка и работното искуство.
4. Според член 49 став 1 од законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр. 60/89, 40/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, на работникот му припаѓа личен доход за работа во согласност со општиот акт усогласен со Општествениот договор односно со колективниот договор и со закон. Според став 2 од овој член на Законот на работникот му припаѓа личен доход како дел од доходот односно добивката кој е сразмерен на придонесот на работникот во создавањето на тој доход односно добивката во согласност со општиот акт односно со колективниот договор.
Од изнесената законска одредба произлегува дека личниот доход на работниците се определува со општ акт на претпријатието во согласност со колективен договор и со закон.
Со оглед на тоа што вреднувањето на работните места не е прашање што се уредува со закон, туку со општиот акт на претпријатието, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката со означената одредба од Законот. Дали, пак, Одлуката е во несогласност со општиот колективен договор, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.