Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување согласноста на Одлуката за формирање второстепена дисциплинска комисија, донесена од Советот на Службата на општественото книговодство во Република Македонија на 25 декември 1991 година, со Статутот на Службата.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Статутот на Службата, затоа што Второстепената дисциплинска комисија била формирана во тричлен, а не во петчлен состав.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се формира второстепена дисциплинска комисија и се именуваат претседател, два члена и нивни заменици. Исто така, Судот утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 65 од Законот за службата на општественото книговодство во Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.44/85 и 23/86), според кој составот на второстепената дисциплинска комисија се уредува со статутот на Службата, а во член 105 став 4 од Статутот е определено комисијата да се состои од три члена и нивни заменици.
4. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по него, затоа што не се однесува на оценување уставноста и законитоста на општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија. Според означената уставна одредба Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите и за уставноста и законитоста на прописите, како и за определени слободи и права на човекот и граѓанинот, а не и за согласноста на актите на организациите со нивните статут.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение..