182/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 23 септември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за знамето на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што усвоеното решение за знаме на Република Македонија не одговарало на традиционалните симболи на државноста на Македонија и не била обезбедена демократска расправа за тоа прашање во уставната комисија и во другите тела на Собранието на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со Законот за знамето се утврдува изгледот и содржината на знамето на Република Македонија.
4. Според член 5 од Уставот на Република Македонија државните симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна. Грбот, знамето и химната на Република Македонија се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот не ја утврдува содржината на знамето на Република Македонија, туку остава тоа да се уреди со закон. Уставот, исто така, не го утврдува ниту начинот на водење на расправата за изгледот на знамето, освен што го пропишува видот на мнозинството гласови потребни за усвојување на законот за знамето.
Со оглед на тоа што Уставот препуштил изгледот и содржината на знамето да се определи со закон, Судот оцени дека нема основа да се поставува прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот.
5. Што се однесува на наводите во иницијативата кои се однесуваат на демократичноста на расправата за знамето, со оглед на околноста што тие прашања не се уредени со Уставот, туку со Деловникот на работа на Собранието на Република Македонија, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по нив.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.