Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 31 август 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Драги Арсов, пратеник во Собранието на Република Македонија, за давање мислење за примена на уставните одредби што се однесуваат на определување мандатор за состав на Владата на Република Македонија.
2. Драги Арсов, пратеник во Собранието на Република Македонија, поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија со барање Судот да даде мислење дали според соодветните одредби од Уставот на Република Македонија е можно мандатор за состав на Владата на Република Македонија да биде повторно определен кандидат од истата политичка партија ако претходно определениот мандатор од таа партија го вратил мандатот.
3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека со него не се бара оценување уставноста на закон или уставноста и законитоста на друг пропис, ниту се бара Судот да одлучува за другите прашања определени во член 110 од Уставот на Република Македонија, туку се бара Судот да даде мислење за примената на одделни уставни одредби.
Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, да решава за судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа, да одлучува за одговорноста на Претседателот на Републиката, за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и друженијата на граѓаните и да одлучува за други прашања утврдени со Уставот.
Според тоа, Уставниот суд на Република Македонија го толкува Уставот односно смислата на конкретни уставни одредби при одлучувањето по прашањата наведени во означената уставна одредба, а не и надвор од тие прашања.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.