Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 1 јули 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работите и работните задачи по работни места во Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” во Скопје, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието на 23 јануари 1992 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точка 1 од ова решение, затоа што не бил разгледуван од работниците, што на предлог на директорот биле укинати работните места раководител на спорена дејност и референтг за работни односи, администратор и ликвидатор, што решенијата за лични доходи биле донесени според Правилникот за распределба на средствата за лични доходи од 1978 година, а не по нов правилник, што било во несогласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во Правилникот се утврдени работните места во погоните и работните единици на Претпријатието и дека во него не се предвидуваат работните места ликвидатор на споредна дејност и референт по работни односи, администратор и ликвидатор.
4. Според член 49 од Законот за претпријатијата (“Службен лист на СФРЈ” бр.77/88, 40/89, 46/90 и 61/90), кој, според член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички, работничкиот совет, покрај другото, ја утврдува организацијата на општественото претпријатие, при што не е утврдена обврска општиот акт пред неговото донесување да биде разгледан од работниците. Согласно член 57 став 2 од овој закон директорот на општественото претпријатие, во остварувањето на обврските во раководењето со претпријатието, покрај другото, ја предлага организацијата на општественото претпријатие. Според член 24-б од Законот одредбите на овој закон за претпријатието во општествена сопственост, сообразно се применуваат и на јавните претпријатија.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на јавното претпријатие, да ја уреди својата организација, а во тие рамки и да ги утврди работните места во претпријатието.
Со оглед на тоа што со оспорениот правилник Работничкиот совет ја уредува организацијата на Претпријатието, Судот утврди дека може да се постави прашањето за неговата согласност со означените законски одредби.
4. Во врска со наводот во иницијативата дека решенијата за лични доходи биле донесени врз основа на Правилник за распределба на средства за лични доходи од 1978 година, а не по нов правилник, Судот оцени дека тоа се поединечни акти, за кои, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.