100/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 24 јуни 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на член 48 од Правилникот за дневници за службени патувања и други надоместоци, донесена од Привремениот одбор на Работната организација “Транскоп”во Битола на 4 декември 1989 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало на возачите кои возат за странство дневницата за службено патување да се исплатува според изминатите километри, а не во зависност од реалните трошоци направени за исхрана и сместување и времето на чекање на утовар или истовар, што било во несогласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се врши измена и дополнување на член 48 од означениот правилник, така што се определува дневницата за службено патување на возачите во странство да се исплатува во висина од 0,03 германски марки по изминат километар во странство.
Членот 48 од Правилникот, донесен од Привремениот одбор на Работната организација “Транскоп” во Битола на 10 март 1989 година, предвидувал дневницата за службено патување на возачите во странство да изнесува 40 германски марки.
Оспорената одлука и означениот правилник престанале да важат со Одлуката за дневници за службени патувања и други надоместоци во странство, донесена од вршителот на должност директор на Општественото претпријатие на 2 април 1992 година.
4. Во Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90) и во Законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90) не е регулирано прашањето за дневницата за службено патување. Според член 2 став 1 од Законот за основните права од работниот однос, пак, работниот однос помеѓу работникот и претпријатието се уредува со закон, со колективен договор и со општ акт.
Во член 71 од Законот за сметководство (“Службен лист на СФРЈ” бр.12/89, 35/89, 3/90, 42/90 и 61/90) е определено дека трошоците што се непосреден услов за остварување на приход на претпријатието претставуваат деловни расходи на претпријатието.
Според член 77 од Општиот колективен договор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/92) работникот има право, покрај другото, на дневница за службено патување во висина од 8% од основицата утврдена како просечна месечна плата во стопанството на Републиката исплатена во претходните три месеци.
Од изнесените одредби произлегува дека означените закони предоставаат дневниците за службено патување, како трошоци кои се непосреден услов за остварување на приход на претпријатието, да се уредат со колективен договор односно со општ акт, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со закон, во времето на нејзиното вражење.
5. Што се однесува, пак, до прашањето за согласноста на оспорената одлука со означената одредба од Општиот колективен договор, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за нивната меѓусебна согласност.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.