Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Драгиша Стојанов Урдаревски за поништување на Решението бр.02-29/77 од 28 април 1967 година, донесено од Собранието на поранешната Општина Кале-Скопје.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Драгиша Стојанов Урдаревски, од Скопје, за поништување на решението означено во точката 1 од ова решение, затоа што за национализираното земјиште не му била исплатена паричната противвредност.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува, затоа што со неа не се бара оценување уставноста и законитоста на пропис или заштита на слободите и правата во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, според кој Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законот, како и да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кога се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.